Чиповите со големина на транзисторите од 10 nm се присутни во скоро секој преносен уред денес, особено оние од високата класа, но компаниите веќе спомнуваат премин на процесори со големина на транзистори од 7 nm. Додека го чекаме тој скок, тие работат на подобрени верзии на актуелните чипови. Најголемиот производител на чипови во свет, Samsung, веќе ја претстави својата втора генерација на 10 nm чипови наречени LPP, која ќе донесе делумни подобрувања во однос на претходната LPE генерација.

Според најавите, новиот дизајн ќе овозможи подобрување од 10% во поглед на перформансите и 15% во поглед на потрошувачката на енергија, што значи дека од нив може пред сѐ да се очекува подолго траење на батеријата. Процесот на изработка на овие чипови ќе биде ист како на LPE генерацијата и истиот ќе се користи за изработка на процесорите на Sasmung (Exynos) и Qualcomm (Snapdragon) наредната година.

Интересно, иако Samsung забрзано работи на процес за производство на чипови со транзистори од 7 nm, нив веројатно ќе ги престигне тајванскиот TSMC. Имено, за производство на чип од 7 nm треба да се примени целосно нова технологија со литографија со ултра-виолетови зраци, во која TSMC во моментов е водечки во светот. Затоа, Samsung во наредната генерација ќе влезе со чипови од 8 nm, кои се изработуваат на ист начин од оние од 10 nm и кои би можеле да бидат блиски во перформансите до оние со транзистори од 7 nm.

Како и да е, полека се наближуваме до моментот кога производителите нема да можат да продолжат да ги намалуваат големините на транзисторите – со сегашната технологија, долната граница е веројатно 5 nm – со помали транзистори, чипот нема да може да функционира.

Извор: Engadget, Anand Tech, Extreme Tech

Претходна статијаWindows 10 сега инсталиран на 600 милиони уреди
Следна статијаПотврдено: Tesla Model 3 има автономија од 500 километри