После подолго време, односно после неколку генерации на Android софтвер, Google конечно се одлучи да направи поголеми промени на почетниот екран, кои ќе пристигнат со двата нови Pixel смартфони. Ова го откриваат фотографии протечени од Evan Blass на твитер, на кои може да се види дека Pixel 2 XL, поголемиот смартфон во понудата, ќе има преден дел многу сличен на LG G6 и заден дел кој повторно ќе биде изведен како актуелните модели – со стакло и алуминиум.

Но, да се навратиме на софтверот, кој отсекогаш бил најважен дел кај Nexus, односно Pixel уредите. Сега, на почениот екран на Android Oreo (најверојатно 8.1), Google се одлучи да го тргне полето за пребарување на интернет или со Google Assistant и на негово место да стави виџет од Google календар. Полето за пребарување на Google пак ќе биде поставено долу, од иконите, што на прв поглед делува чудно, но реално е многу логично, бидејќи тогаш би било поблизу до прстите на корисникот, особено што сега дисплејот ќе има 18:9 сооднос и ќе биде поиздолжен.

Како и да е, ова е прилично голема промена која сигурно ќе бара подолго време на навикнување од долгогодишните корисници на Android, но така е при сите големи промени. Кога сме кај таквите промени, Google конечно се одлучи за мала рамка околу дисплејот на Pixel 2 XL, во стилот на LG G6, со заоблени агли и издолжен дисплеј. Резолуцијата на дисплејот ќе биде 2880х1440 пиксели, што е во рамките на класата, додека телефонот ќе биде напојуван од Snapdragon 835 процесор и 4 GB рам меморија. Голем адут на овој телефон ќе бидат стерео звучниците во предниот дел – такви нема ниту еден конкурент со мала рамка.

Од друга страна, обичниот Google Pixel 2 пак ќе биде опремен со 16:9 дисплеј со големина од 5 инчи и многу, многу голема рамка околу дисплејот, особено во долниот и горниот дел, како и послаба Full HD резолуција. Останатите спецификации ќе бидат исти како кај Pixel 2 XL, а тоа важи и за стерео звучниците, но останува фактот дека овој смартфон изгледа далеку полошо од неговиот поголем брат. Да се надеваме дека ќе биде и доволно поевтин.

Извор: The Verge, The Leaker, Venture Beat

Претходна статијаКина направи квантна комуникација со Австрија
Следна статија„Протече“ првата фотографија од новиот карго камион на Tesla