Безжичното полнење кај смартфоните постои веќе подолго време – Samsung без исклучок го вградува на своите модели, Nokia го вградуваше во времето на Windows смартфоните (го имам и јас на мојата 930-ка), а на ова повремено се приклучуваат и неколку други производители.

Сепак, тоа се’ уште не е широко прифатено, од едноставна причина што не работи преку метал, односно не може да се вгради во ниту еден алуминиумски смартфон.

Затоа, безжично полнење нема ниту најпопуларниот смартфон на планетава, iPhone. Тоа сепак треба да се промени со iPhone 8, но и двата нови iPhone 7S и iPhone 7S Plus, кои ќе имаат заден дел од стакло, преку кое може да се врши безжично полнење.

Оваа информација доаѓа од Wistron Corporation, компанија која е производител на iPhone смартфоните во Индија.

Според CEO-то на компанијата Роберт Хванг, тие работат на нов производствен процес, кој нема да биде многу различен од претходниот, но кој вклучува и безжично полнење во смартфоните, како и водоотпорно тело.

Оваа информација само дава тежина на големиот број на досегашни информации дека новите смартфони на Apple ќе имаат безжично полнење, како на пример онаа од веродостојниот твитер профил @OnLeaks.

Засега нема информации за тоа кој стандард ќе го поддржува Apple, но знаејќи ги, лесно е да се претпостави дека ќе лансираат свој стаднард за безжично полнење, кое нема да работи со ниту еден друг смартфон и обратно.

Во моментов се достапни два стандарди за безжично полнење – Qi и PMA, кои се скоро подеднакво достапни, односно смартфоните кои имаат безжично полнење, ги поддржуваат и двата.

Извор: The Verge, Mashable, Apple Insider

Претходна статијаTwitter го освежи изгледот на своите мобилни апликации
Следна статијаDell има нов ласерски проектор, кој може да прикаже 4K слика со дијагонала од 100 инчи