Во нискиот ценовен ранг, изборот на купувачите обично е ограничен на кинеските производители, од кои многу не ги нудат нивните телефони по операторите. Сега, своевремено најпознатиот производител на мобилни телефони Nokia, се враќа на сцената со три смартфони со Android оперативен систем, кои имаат солидни спецификации, квалитетна изработка и ниски цени.

Главен адут на трите модели се што ќе имаат чиста Android Nougat 7.1.1 верзија, која е понова од многу смартфони од високата класа кои се лансирани на MWC во Барселона. Од HMD Global, компанијата која стои зад производството на овие смартфони, велат дека надградбите ќе бидат исклучително брзи, скоро како кај Pixel смартфоните на Google. Ова е извонредна вест – скоро сите модели од пониските класи на конкуренцијата добиваат само безбедносни надградби и никогаш не се надградени на понова Android верзија.

Nokia 6 е најдобриот смартфон од триото и него веќе го запознавме кога беше претставен во Кина пред неколку месеци. Се работи за 5,5 инчен смартфон со одлична Full HD резолуција и поларизиран филтер за добра видливост на сонце, Snapdragon 430 процесор со осум јадра, 3 GB рам меморија и 32 GB простор, односно 4 GB рам и 64 GB простор во ексклузивниот Arte Black Limited Edition модел.

Телефонот има и слот за micro SD картичка, батерија со солиден капацитет од 3.000 mAh, читач за отпечатоци, задна камера со 16 мегапиксели и предна камера со 8 мегапиксели. Цената на Nokia 6 во Европа ќе изнесува 229 евра за обичниот, односно 299 евра за Arte Black Limited Edition моделот, што е коректно за смартфон со алуминиумска изработка, солидни спецификации и Nokia лого во задниот дел.

Nokia 5 пак е помал смартфон со дисплеј од 5,2 инчи и само HD резолуција, но исто така поларизирачки филтер и висока светлина од 500 nits, што треба да го направи исклучително видлив на сонце. 5-ката го има истиот процесор и 2 GB рам меморија, кои треба да се доволни за мазно работење во Android Nougat.

Батеријата има 3.000 mAh, што е одлично за смартфон со HD дисплеј и штедлив процесор, додека капацитетот на просторот за податоци изнесува 16 GB, со слот за micro SD. Задната камера тука има 13 мегапиксели, додека предната има 8 мегапиксели и автофокус. И Nokia 5 е целосно изработен од алуминиум, што е одлична вест. Неговата цена во Европа ќе изнесува 189 евра.

Nokia 3 е најевтиниот модел во понудата, изработен од алуминиумска рамка и пластика во задниот дел. Неговиот дисплеј е 5 инчен со HD резолуција и има поларизирачки филтер и висока светлина од 450 nits, но процесорот е послаб MediaTek MTK6737 со четири јадра, помогнат од 2 GB рам и 16 GB простор, со слот за micro SD. Кај Nokia 3 и двете камери имаат 8 мегапиксели и е опремен со малку постар Android 7.0 Nougat, додека батеријата брои 2.650 mAh. Неговата цена изнесува исклучително ниски 139 евра, што е одлична вест за оние со помал буџет.

Сите три нови Nokia модели со Android би требало да се достапни и кај нашите оператори, продавници и мобилари. Цените е можно да се малку повисоки во однос на тие во Европа, но не очекувајте драматична разлика.

Извор: CNET, Neowin, GSM Arena

Претходна статијаСамсунг го претстави новиот Galaxy Tab S3 кој нуди врвно искуство во забавата и работата во движење
Следна статијаBlackBerry KEYone е Android смартфон со хардверска тастатура наменет за бизнисмените