Еве еден телефон со Android, кој кога ќе го видите, дури и ако сте најголеми познавачи на смартфоните, нема да забележите дека има каков и да било оперативен систем во него. NichePhone-S е телефон со големина на кредитна картичка, кој е направен со цел да биде незабележлив и лесно пренослив, како на пример во вашиот паричник, а има можности кои ги немаат обичните мобилни телефони со оваа големина.

Дизајнот на телефонот е класичен, со тастатура во долниот и мал екран во горниот дел. Она што го разликува овој телефон од останатите телефони со големина на кредитна картичка е сепак тоа што има Android 4.2 оперативен систем во него, кој му дава неколку предности, како на пример можноста да пуштате музика преку интернет од него.

Како и да е, останатите можности се ограничени и ова е телефон на кој пред сѐ ќе правите повици и ќе пишувате SMS пораки, односно нема да може да инсталирате Viber или Messenger. Воедно, интерфејсот личи на дигитален часовник, односно воопшто и не изгледа на Android, а нема ниту вграден Play Store за инсталирање апликации.

Цената на NichePhone-S изнесува 95 долари во Јапонија, што се чини како многу високо за телефон со исклучително ограничени можности, особено кога слични вакви телефони се продаваат за половина цена. Секако, јас би рекол да го избегнете.

Извор: The Verge, TechSpot, AndroidPolice

Претходна статијаПовеќе Steam гејмери користат Windows 7 отколку Windows 10
Следна статијаIntel ќе развива нови лаптоп чипови со AMD, ќе имаат Radeon графика