Веќе може со скоро целосна сигурност да потврдиме дека ги знаеме сите информации за новиот смартфон знаменосец на LG, освен веројатно кој процесор ќе се вградува – дали ќе биде новиот Snapdragon 835 или 821. Како и да е, денес LG ни потврди дека дисплејот ќе биде повисок и потесен (со дијагонала од 5,7 инчи) и дека околу него ќе има многу мала рамка.

Тоа што тие го најавуваат е дека и покрај големите димензии, телефонот лесно ќе се вклопува во раката на корисникот, односно нема да има потреба да ги истегнувате прстите за да го опфатите. Ова беше и очекувано, бидејќи LG ќе вгради дисплеј со сооднос на страните од 2:1, односно 18:9 како што сакаат да го искомуницираат, со резолуција од високи 2880х1440 пиксели. Името на дисплејот ќе биде Full Vision.

Природата на геометријата вели дека со зголемувањето на разликата меѓу страните, како на пример во овој случај висината на дисплејот, се намалува вкупната површина, односно плоштина. Во превод, 5,7 инчен дисплеј со 2:1 сооднос ќе има помала целосна површина од 5,7 инчен дисплеј со 16:9 сооднос. Разликата сепак нема да биде многу голема и веројатно нема да може лесно да ја забележите.

И покрај помалата површина, овој дисплеј донесува неколку предности. Прво, тој е многу потесен што сигурно ќе го олесни држењето со раката, а поради тоа што има поголема висина, виртуелните копчиња за навигација и лентата за нотификации нема вистински да одземаат од просторот за почетниот екран и апликациите. Поточно, сега апликациите ќе ги гледате во вистинската, максимална резолуција – екстра пикселите ќе бидат наменети за лентата за апликации и виртуелните копчиња.

Од друга страна, ваков телефон би бил многу тежок за да можете со еден прст да стигнете до нотификациите, бидејќи ќе биде повисок од досегашните 5,7 инчни смартфони. Исклучително малата рамка во G6 треба делумно да го олесни ова, но како и да е, оние со помали раце сигурно ќе имаат проблем. Очекувам LG да вгради некои функционалности во оперативниот систем, кои ќе го олеснат симнувањето на лентата со нотификации.

Сите овие детални информации ќе ги знаеме веќе на 26 Февруари, кога LG официјално ќе го претстави G6 на светската јавност.

Извор: Techno Buffalo, Droid Life, GSM Arena

Претходна статијаПриказната за Samurai Jack конечно ќе добие достоен крај
Следна статијаApple Watch се продаде во 6 милиони примероци во последното тримесечје од 2016