G3_Lollipop_D

Една маана на поседувањето на Android телефон кој што не е брендиран од страна на Google со познатото Nexus име е времето на чекање до достапноста на надградба на моменталната најнова верзија од оперативниот систем. Обично се чека тестирање и прилагодување на најновата Android верзија од страна на производителот на уредот, по што тука е и операторот кој што треба да ја одобри надградбата на нивната мрежа.

Меѓутоа поради фактот што ова е веќе подолго време проблем за доста корисници, производителите постепено почнаа да се натпреваруваат кој прв ќе издаде надградба барем за својот најдобар модел од линијата на Android производи. Ова е важно и поради интересните промени на корисничкиот интерфејс, покрај другото, кои што ги вклучува Android 5.0 Lollipop, па корисниците дефинитивно ќе ја темелат својата одлука доколку купуваат нов телефон врз основа на неговата достапност.

LG изминатиот викенд најави дека надградбата на Android 5.0 за нивниот G3 модел е спремна и ќе почне да биде достапна за корисниците од оваа недела. Сепак за жал, достапноста почнува од Полска, а за останатите земји нагласено е дека ќе биде во блиска иднина, што значи доколку сте корисник на овој телефон, сепак ќе треба да причекате уште малку.

Како и да е, фактот што надградбата за овој уред е спремна и е пуштена за корисниците, покажува дека нема да треба да се чека и повеќе месеци како што тоа обично е случајот. Исто така од LG најавија дека надградба на Android 5.0 ќе има и за други модели од нивната линија, меѓутоа не дадоа повеќе детали за кои точно модели и во кој период може да се очекува надградбата.

Извор: LG, The Verge

Претходна статијаMicrosoft претстави кратко teaser видео пред утрешното претставување на Lumia телефон
Следна статијаMozilla слави 10 години од официјалното претставување на Firefox
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.