Јапонскиот пазар, но и воопшто јапонската култура, отсекогаш значително се разликувале од останатите во светот. Кај нив скоро редовно има уреди кои никогаш нема да ги видиме кај нас, бидејќи се премногу чудни и често непотребни. Таков е веројатно Kyocera Rafre паметниот телефон, кој не само што е водоотпорен, туку можете да го перете и со сапуница.

Знам, веднаш помисливте на другите водоотпорни телефони, но тие не се отпорни на сапуница и не поднесуваат топла или жешка вода. Rafre буквално може да го избањате во сапуница и да продолжи да функционира. Идејата зад перењето е заштитата на корисникот од бактерии – нашите смартфони се буквално рај за микроорганизмите.

Самиот телефон сепак не е особено интересен. Дисплејот има големина од 5 инчи и само HD резолуција, додека задната камера има 13 мегапиксели, а предната 5 мегапиксели. Kyocera сѐ уште нема дадено информација за процесорот, но знаеме дека има 2 GB рам меморија. Батеријата има солидни 3.000 mAh капацитет. Позитивна вест е и што телефонот се испорачува со Android Nougat, за разлика од многу други смартфони од ниската и средната класа.

Kyocera Rafre има и неколку други интересни технологии, како на пример звучник вграден во дисплејот, кој произведува звук со вибрација на самиот екран. Благодарение на ова, според производителот, корисникот нема да треба прецизно да го позиционира смартфонот на увото за добро да го слуша соговорникот, а нема ни да има дополнителна дупка во која би навлегувале нечистотии. Интересна е и аларм апликацијата, која може да заѕвони порано доколку врне надвор, со цел да му даде на корисникот повеќе време да се спреми, а за гурманите во смартфонот има и апликација за готвење која може да се управува само со гестови со рацете, без да треба да се допре екранот.

Овој смартфон сепак ќе биде достапен само на пазарот во Јапонија и воопшто нема најава дека некогаш би можел да пристигне во Европа.

Извор: Wired, PC Mag, Kyocera

Претходна статијаHonda и General Motors ќе соработуваат за развој на технологија на водород
Следна статија10 промени во корисничкиот интерфејс кои доаѓаат со Creators Update за Windows 10