gsmarena_001

Најпопуларниот телефон на планетава треба да ја доживее новата генерација на 7 септември, на официјално претставување од страна на Apple. Големи промени во дизајнот не се очекуваат, но затоа камерата би требало да биде револуционерна, односно да понуди плиток фокус на нивото на професионалните апарати со големи сензори.

Што е плиток фокус се прашувате? Тоа е способноста на апаратот или камерата да го изолира субјектот кој е во фокус од позадината – сигурно имате забележано кај фотографиите од поскапите „професионални“ апарати дека субјектот е остар, додека позадината е заматена. Ова и дава 3D ефект на фотографијата и прави субјектот кој е во фокус полесно да паѓа во очи.

Ефектот кој се постигнува со заматувањето на позадината се вика “Bokeh” и токму тоа е на фотографијата со која Apple го промовира настанот. Поточно, при ноќна фотографија, “Bokeh” делот е полн со зголемени крукчиња од уличните и останатите светла позади субјектот. За да се постигне овој ефект, пак, потребен ви е апарат со голем сензор, како на пример DSLR и објектив со брза бленда, како на пример f1.8.

Новиот iPhone сигурно нема да има толку голем сензор, иако се очекува тој да биде поголем во однос на претходникот. Па, како новиот iPhone би постигнал плиток фокус? Лично, очекувам овој ефект да биде достапен само кај iPhone 7 Plus моделот, кој ќе има две камери во задниот дел, кои ќе можат да се искористат за подобро читање на длабинските информации од сликата.

Ова и не е ништо ново – го имаат многу телефони, како на пример одличната имплементација во Huawei P9, па дури и Lenovo Vibe S1, кој имавме можност да го тестираме и кој има ваква можност на предната камера. Она што очекуваме од Apple е да има најдобра имплементација на плиток фокус од сите телефони досега, бидејќи во моментов нема ниту еден телефон кој може барем одблизу да ја имитира сликата што може да се добие од професионален фото апарат.

Покрај напредната камера, новиот iPhone нема да доживее поголеми промени, освен веќе очекуваниот скок на Apple A10 процесорот и делумно изменетиот изглед со линии за антената вградени на рабовите од алуминиумското куќиште. И да, со оваа вест Apple потврди дека новите iPhone-и ќе ја имаат бројката „7“ после нив, со што паѓаат во вода сите шпекулации дека моделот ќе се вика iPhone 6SE.

Извор: The Next Web, GSMArena, TechnoBuffalo

Претходна статијаHacBook Elite е евтин лаптоп со Mac OS за само 329 долари, но е нелегален
Следна статијаApple ќе треба да плати дури 13 милијарди евра за заостанати даноци во Ирска