Еден од најпопуларните смартфони минатата година беше Huawei P9, кој одзема голем дел од колачот на етаблираните производители благодарение на одличната изработка, високите перформанси и супериорната Leica камера. Наследникот е подобар на сите фронтови, односно е своевидна еволуција на предностите на претходникот, а има и изведба со поголем дисплеј со повисока резолуција.

Поточно, Plus моделот е прв пат во оваа класа Huawei да отиде над Full HD резолуција. P10 Plus има резолуција од 2560х1440 пиксели распределени на дисплеј со големина од 5,5 инчи, додека обичниот P10 има 5,1 инчен дисплеј со резолуција од 1920х1080 пиксели. Поголемиот модел има и повеќе рам меморија – 6 наспроти 4 GB, а има и повеќе простор – 128 наспроти 64 GB. И двата модели имаат micro SD слот. Секако, поголемиот модел има и поголема батерија од 3.750 mAh, додека помалиот има батерија од 3.200 mAh.

Останатите спецификации се исти и вклучуваат Kirin 960 процесор со осум јадра, кој е рамо до рамо со најмоќните процесори на конкуренцијата и кој треба да понуди прилично брзо и мазно работење. P10 и P10 Plus доаѓаат со Android Nougat 7.0, пресоблечен во EMUI 5.1 скин на Xiaomi, кој неодоливо потсетува на iOS. Сепак, од Huawei велат дека во него имаат вградено специјален алгоритам кој ќе овозможи побрзо стартување на апликациите и подолго држење во рам меморијата.

Повторно, најголем адут кај P10 и P10 Plus ќе бидат камерите. Назад повторно ќе има две – едната со сензор во боја од 12 мегапиксели и f/1.8 бленда, додека другата со црно бел сензор од 20 мегапиксели и f/2.2 бленда. Идејата е со двете камери да се постигне поголема острина и контраст, како и посветли слики со помалку шум во ноќни услови.

Двете камери имаат способност и да ја изолираат позадината од субјектот, односно да постигнат ефект на плиток фокус како кај професионалните апарати. Кај новите модели и предната камера е Leica со сензор од 8 мегапиксели и брза f/1.9 бленда, што е одлична вест за сите кои посветуваат многу време на фотографирање селфија. И оваа камера има можност за изолирање на субјектот од позадината.

Однадвор, Huawei P10 и P10 Plus наликуваат на своите претходници, со таа разлика што читачот за отпечатоци е вграден во предното хардверско копче. Ова копче ќе може да извршува и повеќе функции – со еден допир се враќате назад, со малку подолг допир излегувате на почетниот дисплеј, додека со “swipe” се покажуваат последните “multitasking” апликации.

Исто така, задниот дел е освежен и сега многу повеќе потсетува на iPhone, што некои ќе го презираат, но верувам за поголемиот дел од купувачите ќе е добра работа. И двата модели ќе се нудат во повеќе бои: сина, црна, златна, розе златна, зеленкаста, бела керамичка, мистично сребрена и престижно златна.

Подобрувањата во Huawei P10 и P10 Plus имаат и повисоки цени во однос на претходниците. Со 650 евра за P10 и 699 евра за P10 Plus со 64 GB, односно 799 евра за P10 Plus со 128 GB, тие се веќе и рамо до рамо со етаблираните конкуренти. Да, моделите на Huawei веќе имаат и своја база на корисници и се синоним за квалитет, но дали во ера на водоотпорни смартфони со многу мала рамка можат да го повторат успехот на претходникот? Имаме право да се сомневаме во тоа.

Извор: The Verge, GSM Arena, Android Authority

Претходна статијаSony Xperia XZ Premium е импресивен смартфон со 4K HDR дисплеј и 960 fps видео
Следна статијаSony Xperia Touch може да ја претвори секоја површина во дисплеј на допир