Huawei продолжува да ја збогатува понудата на смартфони во високата класа – по сериите P, Mate и Honor, тие ја освежуваат и серијата на телефони Nova и дефинитивно го изградуваат најбогатото портфолио на смартфони со високи спецификации. Nova 2s е нивниот најнов паметен телефон со моќниот Kirin 960 процесор, кој има пониска цена од многу конкуренти од оваа класа.

Кај Nova 2s, овој процесор е помогнат од 4 GB или 6 GB рам (зависно од изведбата), што го прави конкурентен на најмоќните телефони на пазарот. Тој е исто така опремен со 32, 64 или 128 GB простор за податоци, а има и двојна камера во задниот дел.

Комбинацијата на камери овој пат е сензор во боја од 16 мегапиксели и црно-бел сензор со 20 мегапиксели, за повисок контраст на фотографиите и помалку шум навечер, а и двете камери се опремени со брза f/1.8 бленда. Предната камера исто така е двојна, но е комбинација од сензори во боја со 20 и 2 мегапиксели, а исто така има и блиц.

Како и скоро секој друг смартфон од високата класа и Nova 2s е опремен со 6 инчен дисплеј со 18:9 сооднос, со резолуција од 2160х1080 пиксели, што е доволно за „да не се гледаат пикселите“. Дисплејот сепак е LCD, односно не е OLED како кај Mate 10 Pro, но тоа е и очекувано со оглед на почетната цена од 400 долари во Кина за моделот со 4 GB рам и 32 GB простор.

Она што е позитивно изненадување е Android Oreo оперативниот систем, нешто со кое не можат да се пофалат многу конкуренти од високата класа. Од друга страна, батеријата има 3.340 mAh, што е помалку од Mate 10 Pro на пример, кој има масивна батерија од 4.000 mAh, но и Nova 2s поддржува брзо полнење со USB Type-C.

Интересно, Nova 2s е во предност пред Mate серијата, како и останатите серии на брендот со нова можност “Face Unlock”, односно отклучување само со помош на лицето (покрај читачот за отпечатоци во предниот дел), како кај iPhone X и OnePlus 5T. Ова веројатно е и најава дека и останатите смартфони од високата класа на Huawei ќе ја добијат оваа можност со надградба на софтверот.

Сите овие карактеристики, дефинитивно го прават Nova 2s многу интересен смартфон за оние со поплиток џеб – освен некои ситни недостатоци, ова е одлично опремен смартфон со високи перформанси, одлична камера и премиум изглед.

Извор: GSM Arena, Android Central, The Verge

Претходна статијаXiaomi официјално ги претстави Redmi 5 и Redmi 5 Plus – имаат многу ниска цена и одлични спецификации
Следна статијаLG Signature Edition е “V30 од керамика”, кој чини 1.800 долари