huawei-mate-9-1

Протекоа скоро сите информации за новиот „голем“ знаменосец на Huawei, кој ќе има исклучително моќни спецификации, но за разлика од порано и прилично висока цена за еден кинески производител.

Mate 9 е големиот знаменосец на Huawei, противник на Samsung Galaxy Note 7 и iPhone 7 Plus. Според протечените информации, тој ќе има 6 инчен дисплеј, веројатно со Quad HD резолуција, што го прави еден од најголемите телефони во високата класа. Ако може да им се верува на фотографиите, целосните димензии на телефонот сепак не би требало да бидат претерано големи – рамката околу дисплејот е многу мала.

huawei-mate-9-2

Сепак, главен адут на телефонот ќе биде двојната задна камера со главен сензор од 20 мегапиксели и f/2.0 бленда и веројатно втор црно бел сензор за поголема острина на фотографиите и помалку шум во ноќни услови. Камерата веројатно повторно ќе биде брендирана од Leica, што значи дека треба да очекуваме и висок квалитет на вградените леќи, а за разлика од P9 ќе може да снима и 4K видео. Предната камера пак треба да има 8 мегапиксели и да снима Full HD видео.

Во внатрешноста на Mate 9 пак ќе биде вграден целосно новиот Kirin 960 чип со осум јадра, од кои четири ќе бидат супер моќните Cortex-A73 на ARM. Зависно од верзиите, моделот ќе биде опремен со 4 GB или 6 GB рам и 64, 128 и 256 GB простор, додека батеријата ќе има голем капацитет од 4.000 mAh. Цената во Кина би требало да почнува од 480 долари за основниот модел со 4 GB рам и 64 GB простор, преку 580 долари за моделот со 4/128 GB до околу 700 долари за моделот со 6/256 GB. Достапни ќе бидат дури 8 различни бои на алуминиумското куќиште.

Покрај помоќните спецификации, овој телефон ќе биде и првиот Huawei, а воедно и еден од првите на пазарот со Android Nougat 7.0, врз кој ќе биде ставен EMUI 5 скин на Huawei. Според најавите, овој скин многу помалку ќе го промени Android искуството и би требало да биде близок до она како Google го замислил оперативниот систем.

И покрај тоа што веќе ги знаеме сите информации, телефонот не би требало да го здогледа светлото на денот се до 18 Ноември, за кога е планирано официјалното претставување. Според досегашното искуство, Мате 9 ќе биде достапен и на нашиот пазар, но по делумно повисоки цени од оние во Кина.

Извор: Android Central, GSM Arena, Android Authority

Претходна статијаBlackberry ќе престане да развива паметни телефони, но ќе лиценцира од други производители
Следна статијаНаредниот iPhone ќе се вика “iPhone 8”?