На 16 октомври, Huawei на официјална презентација во Минхен, на која ќе присуствува и тимот на Smartportal, ќе го претстави новиот знаменосец Mate 10. Според она што досега го знаевме за овој смартфон, ќе се работи за еден исклучително моќен Android телефон, со врвни, премиум карактеристики, исклучителен дизајн и моќен процесор од Huawei, кој ќе има и посебен чип за вештачка интелигенција, односно машинско учење.

Но, да почнеме од она по кое годинава најмногу лудуваат купувачите, а тоа е малата рамка околу дисплејот. Поточно, нејзе ќе ја има минимално само во долниот и горниот дел, исто како Galaxy S8 и Note 8. Самиот дисплеј ќе биде издолжен, односно ќе има 18:9 сооднос на страните и ќе има веројатно QHD+ резолуција. Изработката на целиот телефон ќе биде од алуминиум, но во горниот дел преку камерите ќе поминува потемна лента, која е веројатно пластична, со цел антените да имаат подобар прием.

Според од најавите на извршниот директор на компанијата Ричард Ју, Mate 10 ќе има и помоќен процесор од новиот iPhone X, што би било извонредно постигнување, бидејќи во моментов Apple A11 Bionic чипот на Apple се покажа како многу помоќен од Snapdragon 835. Нормално, процесорот ќе го произведува Huawei, односно тој ќе биде од HiSilicon Kirin линијата.

Најновите информации велат и дека покрај читачот за отпечатоци назад, Mate 10 ќе има и сличен 3D систем за препознавање на лицето како кај новите iPhone-и, што го прави првиот смартфон во светот со таков систем и скенер за отпечатоци. Нормално, назад ќе биде вградена најновата верзија на двојната камера направена во соработка со Leica, која во досегашните модели покажа одлични резултати, а Mate 10 ќе биде и еден од првите модели со Android Oreo 8.0

Сите овие информации треба да се земат со мала задршка, но знаејќи ја агресивноста на Huawei на пазарот, не е тешко да се претпостави дека ова ќе биде еден вистински моќен смартфон, кој ќе има со што да конкурира на најдобрите модели на Samsung, Apple, LG и Google. Затоа, препорака да бидете тука на 16 октомври, кога во живо од Минхен заедно ќе ги откриеме сите новитети кои ќе ги донесе Mate 10.

Извор: TechRadar, GSMArena, NDTV

Претходна статијаOculus Go чини само 200 долари и овозможува VR без потреба од компјутер или смартфон
Следна статијаGoogle Chrome ќе спречува „tab-under“ однесување