huawei_ascend_p8_lite_rear_upper_camera

Во светот на смартфоните, веќе неколку години по ред се немаат сменето работите на врвот – Apple iPhone се уште е далеку пред главните конкуренти, додека Samsung е владетел во вкупната продажба на телефони. Сепак, ова може наскоро да се смени – Huawei имаше огромен раст на продажбата во 2015 година, тренд кој сигурно нема да престане ниту во 2016 година.

Причината за ова е едноставна – на купувачите веројатно им „здодеа“ да плаќаат огромни суми на пари за уреди од високата класа, кои кинезите ги нудат за половина цена. Ист процесор, иста камера, иста изработка, но за многу помалку пари. Huawei не само што го зголеми портфолиото на вакви телефони, туку дури стана и лидер во некои нови технологии, односно покрај пониската цена, имаат спецификации кои може и да ги засрамат поскапите уреди – како на пример во Honor 7 телефонот од високата класа.

Во 2015 година, Huawei продаде 108 милиони смартфони, што е и натаму доста помала бројка од 320 милиони продадени на Samsung. Сепак, ова не е целта приказна – Huawei имаше раст од 44% во однос на 2014, додека Samsung имаше пад на продажбата и покрај тоа што Samsung Galaxy S6 уредите беа одлично прифатени од купувачите.

Годинава е предвиден раст од 20% во однос на 2015 година, за што ќе бидат лансирани неколку нови уреди, како на пример новиот знаменосец P9. За растот на продажбата годинава секако заслужен ќе биде и Google Nexus 6P телефонот изработен од Huawei, кој помогна купувачите да не го гледаат кинескиот бренд како производител на евтини, туку на моќни и луксузни смартфони.

Од друга страна, аналитичарите предвидуваат дека продажбата на смартфони ќе опадне (годинава се продадоа 1,4 милијарди), а тоа ќе го почувствуваат и Apple и Samsung. На пример, во минатото тримесечје, iPhone се продаде во 74,8 милиони примероци, што е исто како последниот квартал од 2014 година и покрај тоа што iPhone 6S и 6S Plus донесоа неколку корисни новитети, како 3D Touch системот.

Извор: 9 to 5 Google, ZDNet, International Business Times

Претходна статијаНовите X-Files ќе бидат навистина интересни
Следна статијаCoolpad отсега на сите европски пазари