s7-edge-concept-113

Не престануваат да протекуваат информации за новиот знаменосец на Samsung, што е и нормално – сепак се работи за вториот најпопуларен смартфон на светот. Според овие последните, Galaxy S7 ќе доаѓа во две различни варијанти, за разлика од претходно најавените четири, а ќе има и скенер за зеницата на окото, како новите Lumia 950 и 950 XL на Microsoft.

Двете различни изведби, покрај тоа што едната ќе има искривен дисплеј на рабовите, ќе се разликуваат и по големината на дисплејот. Така, обичниот Galaxy S7 ќе има 5,2 инчен дисплеј, додека Galaxy S7 Edge изведбата ќе има 5,5 инчен дисплеј. Ова е многу пологично отколку телефонот да има четири различни верзии, кои може само да ги збунат купувачите, а е исто така многу подобро за директен напад на вечниот конкурент iPhone, кој исто така има две изведби.

Да потсетиме, годинава Samsung лансираше вкупно три изведби – Galaxy S6 и S6 Edge со 5,1 инчен дисплеј и S6 Edge+ со 5,7 инчен дисплеј. Токму големиот модел веројатно беше лансиран со цел да се опипа пулсот на купувачите, кои одговорија со тоа што го преферираат поголемиот пред помалиот Edge модел.

Останатите спецификации се веќе познати – ќе бидат понудени два чипови, зависно од пазарот и изведбите и тоа моќните Snapdragon 820 на Qualcomm и Exynos 8890 на Samsung, помогнати од 4 GB рам меморија и веројатно 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD, што недостасува во актуелниот модел.

Подобрени ќе бидат и камерите – има најави за намалување на бројот на мегапиксели на 12, што би требало да донесе многу почисти фотографии, со помалку шум, особено навечер, а самиот сензор би можел да биде и малку поголем. Напред најверојатно ќе биде вграден и скенер за зеницата на очите, каков веќе имаат Lumia 950 и 950 XL моделите на Microsoft.

Дизајнот однадвор ќе биде многу сличен на актуелните модели, со таа разлика што металната рамка во Galaxy S7 ќе биде изработена од магнезиум, кој е поцврст од алуминиумот. Има и некои најави за 3D Touch систем како оној во Apple iPhone 6S, но ниту една не е дефинитивна.

Новите Galaxy S7 модели треба да бидат претставени ноќта пред да почне Mobile World Congress во Барселона, односно на 21 февруари, додека продажбата ќе почне во Март.

Извор: The Verge, TechnoBuffalo, Ubergizmo

Претходна статијаHP најверојатно ќе претстави Windows 10 Mobile смартфон на MWC
Следна статијаЕлон Маск најави дека Tesla ќе има функционирачки автопилот за две години