Претставниците на американската влада, поточно од Министерството за правда, во текот на вчерашниот ден поднеле барање до судот за откажување на одлуката со којашто се бараше од Apple да помогнат во пробивањето на заштитата на конкретниот iPhone 5C.

За потсетување, американската влада поради истрага водена од FBI за случувања во Сан Бернардино, каде Сајед Фарук изврши повеќе убиства во декември, побара отклучување на неговиот iPhone 5C поради целосно завршување на истрагата.

Поради енкрипцијта на телефонот, како и верзијата од iOS, од FBI и од Apple не беа во можност едноставно да го отклучат телефонот и да ја видат неговата содржина. Од Apple беше побарано да направи посебен софтвер со којшто ќе се овозможи заобиколување, односно пробивање на заштитата.

Apple очекувано се противеше на оваа одлука, а за таа цел целата работа активно ја водеа во јавноста, вклучувајќи и посебно обраќање преку писмо од директорот Тим Кук. Тој тврдеше дека изработката на бараниот софтвер ќе направи преседан и за идни случаеви, како и тоа дека значително ќе ја намали сигурноста на сите нивни уреди.

Од FBI и Министерството за правда не го истакнуваат начинот на којшто имаат успеано да ја заобиколат заштитата на уредот, но веќе можевме да прочитаме дека тие добиваат помош од израелската компанија Cellebrite.

Она што се поставува како прашање сега е дали властите ќе го споделат со Apple начинот на пробивање на нивниот производ. Дали се работи за одреден сигурносен пропуст којшто од компанијата ќе можат понатаму да го затворат или па сепак властите ќе го означат начинот како државна тајна.

Од Apple излегоа со изјава по успешното пробивање на нивниот уред во којашто истакнуваат дека тие уште од почетокот се противеле на ваквата активност и сметаат дека властите воопшто не требало да поднесат такво барање. Тие ќе продолжат да помагаат како можат и во иднина, а ќе продолжат да работат на зголемување на сигурноста на нивните производи.

Извор: The Guardian, ZDNet, The Verge, The Hacker News

Претходна статијаWindows 10 Zhuangongban – посебна верзија на Windows 10 за кинеската влада
Следна статијаПрви рецензии на Oculus Rift – најдобриот VR уред за гејмерите?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.