Од сите смартфони на планетава, најредовни надградби на понови верзии на оперативниот систем добиваат iPhone-ите, што значи дека корисниците на овие телефони можат да ги користат подолго време без да се грижат дека ќе заостанат зад најновите модели. Сепак, има еден мит според кој Apple намерно ги забавува постарите модели на iPhone со новите надградби, со цел да ги навлече корисниците да купат нов модел.

Навистина, точно е дека постарите модели делуваат побавни откако ќе направите надградба на понов оперативен систем, но тоа е и нормално, бидејќи поновите верзии имаат се поголеми и поголеми хардверски побарувања. Она што не е точно е дека Apple го прави тоа намерно, односно дека ги забавува перформансите на вградениот чип.

Овој мит е побиен од ново истражување на перформансите на процесорот и графичкиот процесор од Futuremark, каде јасно може да се види дека чиповите ги даваат максималните перформанси независно од тоа за која верзија на iOS се работи. Според нив, Apple воопшто не ги забавува перформансите на чипот вграден во вашиот постар iPhone со секоја нова надградба.

Да, со ова истражување целосно се побива митот дека Apple намерно ги забавува телефоните, но останува фактот дека постарите модели на iPhone делуваат видливо побавни во однос на новите, што веројатно се должи на тоа што самиот оперативен систем бара помоќен процесор за да работи брзо и ефикасно.

Извор: The Next Web, Beta News, TechCrunch

Претходна статијаMicrosoft Edge отсега достапен и за iOS и Android
Следна статијаDell го најавува новиот, потенок Dell XPS 13