Како и што беше случај со Touch ID кога беше лансиран со iPhone 5S, кога набрзо после тоа сите Android производители почнаа да вградуваат читач за отпечатоци во своите смартфони, сега истите тие производители ќе го наследат Apple во вградувањето на технологија за 3D препознавање на лицето, која Apple ја нарекува Face ID.

Според нови информации, кинеските производители Huawei, Oppo и Xiaomi веќе работат на ваков тип на технологија, која би можела да биде спремна за нивните модели веќе наредната година, кога тие ќе ги лансираат новите смартфони од високата класа. Исто така, има најави и дека Samsung работи на ваква технологија, која веројатно ќе биде спремна и за Galaxy S9 моделот, кој ќе биде лансиран на почетокот на наредната година.

Истите информации велат дека побарувачката за модули кои можат да препознаваат лица во 3D од компаниите кои ги произведуваат нагло пораснала, што е јасен факт дека се поголем број на компании ќе почне да ја применуваат. Сепак, останува прашањето дали Android производителите ќе се одлучат целосно да го исфрлат читачот за отпечатоци, исто како што направи Apple или пак ќе му овозможат на корисникот да избере која технологија за заштита да ја користи.

Технологијата за препознавање лице кај iPhone X инаку не помина најдобро на рецензиите, бидејќи е побавна од таа за препознавање на отпечатоци, а воедно и не работи во случаи на преголема осветленост. Сепак, ова е само прва генерација на ваква технологија и подобрувања во наредните години секако може да се очекуваат, особено што се поголем број на компании ќе почне да ја применуваат во своите модели.

Извор: Digi Times, Digital Trends, BGR

Претходна статијаGoogle повторно е главниот пребарувач во Mozilla Firefox
Следна статијаHonor 7X има 18:9 дисплеј со мала рамка, двојна камера и супер ниска цена