„Омразата“ меѓу Apple и производителите на Android смартфони не е ништо ново – тие константно се „препукуваат“ во интервјуа и реклами (во САД може да се спомнува конкурент во реклама). Најново во сета оваа приказна е изјавата на Фил Шилер од Apple, човекот кој често е на сцената кога се претставуваат новите телефони, кој изјави дека технологијата за препознавање на лице кај Android конкурентите „смрди“ и дека воопшто не е на нивото на Face ID кај iPhone X.

Шилер ова го изјави во интервју за BrightNL, кога беше прашан за таквите технологии кај конкуренцијата, кои за волја на вистината постојат повеќе од две години. Според него, Face ID е супериорна технологија во начинот на кој е имплементирана, односно поради нејзината сигурност, таа може да се користи дури и за плаќање, а не само за отклучување на телефонот. Тој дури изјави и дека ваквите технологии во Android „смрдат“, што е прилично силен збор.

Сето ова е вистина и во моментов, Face ID е навистина најбезбедниот начин да го отклучите телефонот со вашето лице, бидејќи прави 3D мапа која не може да биде излажана со слика. Сепак, од друга страна овој систем веќе беше излажан од идентични близнаци, но и од деца кои многу личат на своите родители, што става мала дамка на целата таа технологија, особено што истата може да се користи за плаќање – замислете како децата со своето лице плаќаат за најразлични апликации или производи онлајн…

Во наредната година, нормално е да се очекува и дека скоро сите позериозни производители на Android смартфони ќе развијат своја технологија за 3D препознавање на лицето – Huawei на пример најави скенер за лицето кој има 10 пати повеќе точки на препознавање од тој на Apple и кој според нив е значително попрецизен. Исто така, OnePlus нуди слична технологија во 5Т, која лицето го гледа во 2D, но која исто така не може да биде излажана со слика и која работи многу, многу побрзо од Face ID.

Извор: Android Authority, Fortune, BGR

Претходна статијаКинескиот бренд Leagoo лансира „верен“ клон на iPhone X
Следна статијаMicrosoft Q# е програмски јазик за квантни компјутери