maxresdefault

Двата најпопуларни оперативните системи за паметните телефони, Android и iOS, сочинуваат дури 96,3% од светскиот пазар, со Windows Phone далеку на третото место. Сепак, токму отворениот оперативен систем на Google доминира на пазарот со дури 81,5% учество.

И покрај зголемената продажба на новите iPhone-и, кои беа убедливо најпродаваните смартфони во последното тромесечје од минатата година, како и падот на продажбата на Galaxy серијата на Samsung, Android има зголемен удел и тоа од 78,7 на 81,5%. Ова веројатно се должи на одличниот настап на пазарот на Xiaomi, кој веќе се натпреварува со Samsung и Apple во целосната продажба на уреди, но и на зголемената продажба на LG, Huawei и ZTE. Во целосна бројка, минатата година се продадени преку милијарда Android паметни телефони (!), што е навистина голем број и е пораст од над 200 милиони во однос на 2013 година.

Сепак, доминацијата на Android на пазарот не значи и доминација на Google, бидејќи многу од кинеските производители, кои заземаат се поголем удел на пазарот, не го користат сервисите на моќниот пребарувач и имаат свои, посебни пазари за апликации, на кои дополнително заработуваат. Има и некои најави дека дури и поголемите производители како Samsung ќе го направат тоа, што може значително да го поремети развојот на отворениот софтвер на Google.

iOS, пак, има пад на учеството од 15,1 на 14,8% и покрај тоа што продаде вкупно поголема бројка на паметни телефони во однос на 2013 година – раст од 153,4 на 192,7 милиони уреди. Зголемената продажба се должи пред се на конечното лансирање на поголеми iPhone-и, како и понудата на два различни модели, нешто што корисниците го бараа веќе подолго време, но веројатно и на недостатокот на иновации на поголемите Android конкуренти, како Samsung и HTC.

Третиот најуспешен оперативен систем е Windows Phone, кој забележа пораст во продажбата на паметни телефони и покрај тоа што не беа лансирани уреди од највисоката класа, односно главно внимание беше и се уште е обрнато на поевтините телефони. Само Microsoft (порано Nokia) продаде 34,9 милиони уреди, што е раст од 1,4 милиони во однос на 2013 година. Сепак, со лансирањето на Windows 10, како и новите генерации на паметни телефони од највисоката класа, предвидувањата се дека Microsoft може значително да ја покачи продажбата оваа година. Од останатите оперативни системи, само Blackberry има позначителен удел на пазарот и тоа од 0,4%, односно целосен пад на продажбата на телефони од дури 69,8%.

Извор: PCWorld, ZDNet

Претходна статијаAndroid for Work ќе овозможи користење на приватните телефони во корпоративната околина
Следна статијаApple закажа настан за 9-ти Март, се очекуваат повеќе информации за Apple Watch