Microsoft веќе подолго време го најавува Project Scorpio, помоќниот Xbox кој требаше да донесе 4K гејминг во дневната соба. Project Scorpio сега стана Xbox One X, помоќна верзија на нормалниот Xbox One S, која донесува графика и перформанси кои досега беа наменети исклучиво за PC гејмерите. И најдобро од се, цената на Xbox One X е прилично достапна – чини само 499 евра, што е помалку од гејмерски компјутер со слични перформанси.

Надворешниот дел е веројатно „најслабата“ страна на Xbox One X. Дизајнот е генерички и не оддава впечаток на супер моќна конзола, иако димензиите се намалени во однос на Xbox One S, што е секако добредојдено. Сепак, оваа верзија е наменета за сериозните гејмери, а не за оние кои сакаат уште еден украс под телевизорот. Но, како што спомнавме погоре, вистинската вредност на Xbox One X е во внатрешноста, каде има големи подобрувања, особено во делот на графиката.

Благодарение на подобрените компоненти, новата конзола на Microsoft може да понуди 6 Tflops перформанси (1.172 MHz работен такт и 12 GB GDDR5 рам на Scorpio графичкиот чип). Ова е бројка која на многумина нема да им значи премногу, но како за споредба, Sony PlayStation 4 Pro има 4,2 Tflops. Ова значи дека Xbox One X е способна за 4K гејминг при 60 fps за игрите кои ќе бидат претставени во иднина (како на пример Forza Motorsport 7), но и подобрена графика и пофлуидно движење и кај постарите игри – и оние од Xbox One и оние од Xbox 360, па дури и некои игри од оригиналниот Xbox.

Со новата конзола, Microsoft вети и нови 22 ексклузивни наслови на игри, вклучувајќи ги и Crackdown 3 и Sea of Thieves, а верзии со подобрена графика ќе добијат Gears of War 4, Forza Horizon 3, Killer Instinct, Halo Wars 2 и Minecraft. Поддршката за игри може да се покаже и како клучна во борбата со најголемиот конкурент PlayStation 4 Pro, кој во моментов има попримамливи наслови на игри.

Xbox One X ќе се нуди исклучиво со хард диск од 1 TB, кој треба да е доволен за инсталација на поголем број на игри. Конзолата доаѓа и со вграден Blu-ray читач кој може да репродуцира 4K видео содржини, што е секако голем бонус бидејќи само Blu-ray плеер со можност за 4K чини околу 300 евра, додека Xbox One X ќе има цена од 499 евра. Според сето ова, Microsoft има вистински победник во новата Xbox конзола, иако успехот не е загарантиран – последниот збор тука ќе го имаат дивелоперите на игри и потоа и самите купувачи.

Извор: Xbox, The Verge, Engadget

Претходна статијаСкопје Стрит Фестивал по петти пат остави урбан печат во Скопје
Следна статијаMoto E4 и E4 Plus се солидни смартфони од ниската класа со многу ниски цени