STM

Веќе извесно време беше познато дека Valve работи на PC конзола базирана на Linux, а изминатава недела и официјално го потврди тоа. За разлика од класичните конзоли кои работат на предодреден хардвер, Valve во соработка со неколку производители ќе нуди избор од повеќе различни конфигурации, таканаречени “Steam Machines”.

Ваквите конфигурации ќе го користат SteamOS оперативниот систем, кој слично како Android и Chrome OS во основа ќе биде базиран на Linux. Од Valve го опишуваат SteamOS како оперативен систем за користење во дневната соба и ветуваат поддршка за стриминг на музика, филмови и телевизиски канали, како и опции за размена на игри помеѓу Steam профилите. SteamOS ќе биде достапен бесплатно и за корисниците и за производителите.

Сите игри кои се достапни преку Steam сервисот ќе може да се играат и на Steam конзолите. Поголемиот дел од нив ќе може да се играат директно на конзолата, а останатите ќе функционираат преку стриминг.

Конзолите најверојатно ќе го содржат истиот хардвер кој се користи и при составување на било кој модерен компјутер, а ваквите решенија се очекува да покриваат поширок спектар на цени и перформанси. Теоретски, секој компјутер на кој ќе биде инсталиран SteamOS оперативниот систем ќе може да се користи како Steam конзола.

Valve ќе додели прототип конзоли на 300 бета тестери во текот на следните месеци, по случаен избор од пријавите кои ќе бидат примени пред 25 октомври. Хардверската конфигурација на прототипите не е позната.

STMC

Игрите на Steam конзолите ќе се управуваат со Steam контролерот. Иновативниот дизајн на овој контролер дозволува истиот да може да се користи, без никакви компромиси и во игри кои имаат поддршка само за тастатура и маус.

Steam контролерот е драстично поразличен од повеќето контролери. Наместо вообичаените, дирекциски насочник и два контролни стикови, Steam контролерот користи две кружни полиња кои го регистрираат движењето на вашите палци и истото го пренесуваат во игрите. Покрај тоа, контролерот има и 16 копчиња чии функции ќе може да се конфигурираат по желба, како и екран осетлив на допир во центарот. Првичниот прототип ќе има четири копчиња на местото на екранот осетлив на допир.

Претходна статијаSamsung го претстави Galaxy Note 3
Следна статијаAMD ги објави Catalyst 13.9 WHQL и Catalyst 13.10 Beta драјверите