Во 80-тите години, кога видео играчките конзоли почнаа да го освојуваат светот, имаше едно име кое буквално го имаше во секој дом (на западната хемисфера) Atari. Сепак, Atari веќе одамна пропадна и беше победен од Nintendo, но останаа неговите многубројни приврзаници.
Сепак, после две децении Atari најавува враќање со нов Ataribox, кој како што може да се види на видеото е изработен од дрво и е повеќе години во фаза на развој. Компанијата не ни даде повеќе информации од овие и засега може само да шпекулираме за можностите на оваа конзола.
Најверојатно, новата конзола на Atari ќе биде наменета за играње на ретро игрите од 80-тите години, исто како NES Classic на Nintendo, која беше супер популарна изминативе неколку месеци. Сепак, тоа што оваа конзола се подготвува веќе неколку години може да значи и дека конзолата ќе биде многу помоќна и ќе им конкурира на големите играчи денес, како Xbox и PlayStation.
На крај, може да се покаже и дека Ataribox е лансиран само поради лансирањето на новиот Blade Runner 2049 филм, кој како и првиот дел од 80-тите години со Харисон Форд е преполн со Atari реклами наоколу.
Како и да е, да се надеваме дека целосните информации за Ataribox ќе ги дознаеме наскоро.