До пред неколку години, нашите паметни уреди ги употребувавме само за мерење на активности на земја, односно трчање, планинарење итн. Со лансирањето на паметни часовници кои се отпорни на вода, корисниците можат да ги мерат и активностите под вода, што може да помогне во подобрување на нивните резултати, но и тие имаат слабости, како на пример тоа што мора да застанете на сред вода за да видите каков резултат имате во моментот.

Zwik се очила за пливање со вграден дисплеј, налик на Google Glass, кои ќе се обидат целосно да ги елиминираат овие недостатоци. Имено, тие можат пред окото на корисникот да прикажат важни информации како потрошените калории, отчукувањата на срцето, изминато време и поминати метри, без тој да треба да го прекине пливањето. Дисплејот инаку информациите ќе ги прикажува целосно во боја, со висока резолуција, како што прилега на еден паметен уред од 2017 година.

Како и скоро сите паметни уреди кои ги мерат активностите на корисниците и Zwim можат да ги споделат вашите резултати на социјалните мрежи преку поврзување со паметен телефон (Android или iOS) преку Bluetooth. Тие се и лесно одржливи, бидејќи доколку се истрошат, односно почнат да пуштаат вода, можете да ги замените без дисплејот, кој и натаму ќе остане употреблив.

Како и скоро секој ваков „револуционерен“ уред и Zwim е Kickstarter кампања, основана од Таегу Канг, кој е предводник на компанијата, а воедно и поранешен натпреварувач во триатлон.

Досега, кампањата има собрано 15.000 долари, а целта се 50.000 долари до 2 декември, што изгледа беше доволна причина да се откаже финансирањето на очилата. За жал тоа значи дека тие нема да стигнат до крајните потрошувачи.

Без разлика на исходот, овие очила покажуваат што се е можно во денешно време со технологијата, па сигурни сме дека некоја друга компанија ќе направи нешто слично.

Извор: DigitalTrends, Zwim, Kickstarter

Претходна статијаNokia 7 има одлични спецификации и прилично ниска цена
Следна статијаSamsung работи на Linux десктоп за нивните Android смартфони