Американската Tesla не само што е најуспешниот производител на електрични автомобили, туку полека и станува силен бренд кој е препознат по високата технологија и особено иновативноста. Благодарение на тоа, тие скоро сигурно ќе продадат голема бројка од новата екстерна батерија, која чини премногу пари за можностите што ги има.

Но, оние кои ќе го купат овој “Powerbank”, тоа сигурно нема да го направат поради спецификациите, бидејќи со само 3.350 mAh, оваа батерија нема да може целосно да ги наполни новите смартфони од високата класа. Згора на тоа, на неа има Lightning приклучок за iPhone, но само micro USB кабелче за останатите телефони, во време кога секој Android смартфон од високата класа има USB Type-C приклучок. Да, на полначот има и стандарден USB излез, но тоа значи дека ќе треба да носите дополнителен кабел со вас за да го наполните својот смартфон.

Со цена од дури 45 долари, ова е веројатно екстерната батерија со најлош сооднос на цена со капацитет – за истите пари можете да купите “Powerbank” со 5-6 пати поголем капацитет. Единствената разлика ќе биде што тој нема да изгледа како “Supercharger” полначите за автомобили на Tesla, ако тоа ви значи нешто. А на голем број очигледно им значи, бидејќи “Tesla Powerbank” е веќе распродадена на сајтот на производителот, дури и по таа цена.

Извор: Engadget, Firstpost, Digital Trends

Претходна статијаМакедoнски Телеком организира возбудлива потрага по новиот iPhone X
Следна статијаКраток филм најавува „хорор“ иднина на оружја со вештачка интелигенција