Досега веќе неколку пати имаме слушнато за облека која ќе може да го полни вашиот паметен телефон, но од помали компании и стартапи. Сега, на сцената влегува Samsung, кој патентираше ваков вид на облека, која е веројатно сонот на секој посериозен корисник на паметен телефон, на кој особено многу му значи да има секогаш полна батерија.

Патентот на Samsung е особено интересен бидејќи не се работи за едноставно парче облека со вградена батерија, какви што има во моментов на пазарот. Напротив, облеката на Samsung го користи движењето на телото за да продуцира енергија, која се собира во внатрешна батерија и потоа може да се користи за полнење на најразлични уреди. Поточно, кинетичката енергија од телото ја претвора во електрична енергија. Многу едноставно, нели?

Оваа технологија не е само корисна за полнење на батерии на преносните уреди, туку може да се искористи и за напредни парчиња на облека, кои би ја собирале оваа енергија и потоа би ја користеле за да го затоплат носачот. Замислете скафандер за скијање кој вашите движења ги користи за да ве затопли кога ќе се спуштате по надолнина.

Патентот на Samsung е инаку поднесе во Јужна Кореја и како и секогаш, не е гаранција дека ваков тип на облека ќе го дочека светлото на денот, односно ќе се продава во продавниците. Сепак, со оглед на тоа колку би била корисна, според мене само прашање на време е кога некој ќе се осмели да лансира и вакви парчиња на облека.

Извор: TechRadar, SlashGear, Channel News

Претходна статијаGudak Cam е апликација за фотографирање, која треба да ја почекате три дена за да ги развие фотографиите
Следна статијаMicrosoft Edge на Android веќе симнат повеќе од 1 милион пати