Виртуелната реалност можеби не го доживеа очекуваниот успех, но има константен раст и компаниите продолжуваат да вложуваат во развој на такви производи. Една од водечките компании тука е Facebook, која преку својот бренд Oculus лансира нов уред за гледање виртуелна реалност наречен Go, кој може да работи без да треба да вградите смартфон во него или пак да треба да го поврзете со моќен компјутер.

Идејата зад Oculus Go e да биде преносен уред, на кој корисниците ќе можат да гледаат виртуелни содржини независно од тоа каде се наоѓаат, без да загубат на квалитетот. Затоа, во него е вграден дисплеј со висока резолуција од 2560х1440 пиксели, кој има и многу брз одговор, што според Facebook треба да го направи искуството на гледање многу поблиско до реалното.

Oculus Go е опремен и со 3D просторно аудио, кое овозможува звук ист каков што би го слушале во реалноста. За таа цел во самиот уред има и вградени звучници, но за целосно квалитетно искуство, ќе биде вграден и 3,5 mm излез.

Сепак, овој уред ќе има и неколку недостатоци. Имено, тој ќе биде доволно добар само за мобилни виртуелни содржини, односно истите како Samsung Gear VR, но не и за тешки игри како за Oculus Rift, бидејќи за тоа реално треба и помоќен хардвер.

Сепак, за 200 долари и не би можело да се очекува премногу – ова ќе биде повеќе уред на кој ќе се играат полесни игри и пред сѐ, ќе се гледаат виртуелни содржини, отколку што ќе биде уред наменет за играње на најновата Call of Duty во виртуелна реалност.

Извор: TechCrunch, Gizmodo, Axios

Претходна статијаYouTube тестира auto play опција во својата апликација
Следна статијаНови информации и фотографии за Huawei Mate 10