Google можеби води во многу сегменти на паметни уреди, но кога се во прашање паметните звучници, дефинитивно засега само ги следи чекорите на Amazon и нивните звучници со Alexa. Одличен пример за ова е новиот Google Home Mini, паметен звучник со Google Assistant, кој неодоливо потсетува на Amazon Echo Dot, пред се поради неговите помали димензии.

Помалите димензии значат и дека овој звучник нема да биде особено добар за слушање музика, особено во домот, каде навистина има подобри решенија од мини паметен звучник. Напротив, Google Home Mini ќе биде скоро ексклузивно наменет за разговарање со Assistant, паметниот асистент на Google и тоа за сите во домот.

Замислете дека овој звучник може да го имате во секоја соба, за секој корисник засебно. Доколку пак решите да инвестирате во само еден Google Home Mini, тој има поддршка за повеќе корисници, со целосно препознавање на гласот на секој од нив.

Најголем адут на Google Home Mini се чини ќе биде цената, која изнесува само 49 долари. Оваа цена го прави дефинитивно овој звучник лесно достапен за скоро сите купувачи, дури и оние од посиромашните земји. Сепак, голема штета е што Google Assistant сѐ уште не препознава македонски јазик, нешто што се надеваме дека ќе се реши наскоро.

Извор: The Verge, Engadget, Gizmodo

Претходна статијаGoogle ги претстави Pixel 2 и Pixel 2 XL, кои се еволуција на претходниците
Следна статијаPorsche Mission E се појави во јавноста