intro-razer-blade

Кога ќе помислите на гејмерски лаптоп, сигурно веднаш ви излегува слика од дебел и футуристички дизајниран лаптоп со многу голем дисплеј. Не и лаптопите на специјалистот за гејмерски уреди Razer – новиот 14 инчен Blade модел е исклучително лесен и преносен, а има моќни компоненти кои ќе ги задоволат и најпребирливите гејмери.

На прв поглед, Razer Blade делува како натпреварувач во сегментот на ултрабук лаптопи, односно тенките преносни компјутери, со таа разлика што има неколку „гејмерски“ елементи, како на пример осветлената тастатура, која може да прикаже цел RGB спектар на секое копче посебно.

Razer_Blade_6

Токму преносливоста го прави различен од тоа што досега не навикнаа производителите на гејмерски лаптопи, кои имаат преголеми димензии и реално се наменети 99% од времето да го поминат на работното (играчкото) биро.

Но, нека не ве лажат димензиите – Blade во внатрешноста има Core i7-6700HQ процесор со четири јадра од 6-тата Skylake генерација и Nvidia GTX 970M графичка картичка со 6 GB VRAM. Изборот на овие две компоненти гарантира играње на скоро сите нови игри на максимум графика при Full HD резолуција (1920х1080 пиксели), а тука секако помага и тоа што Blade има 16 GB DDR4 рам меморија.

Blade може да се поврзе и со десктоп графичка картичка во “Razer Core” преку USB Type-C конекторот, за оние кои сакаат да играат на надворешен монитор и да извадат апсолутно максимум од компјутерот.

razer-blade-hero

За складирање на податоците секако е задолжен брз PCIe M.2 SSD диск – во стартниот модел кој чини 1.999 долари со 256 GB, додека во поскапиот кој чини 2.199 долари со 512 GB капацитет. Дисплејот инаку има големина од 14 инчи и резолуција од одлични 3200х1800 пиксели, а има и можност за допир. Единствен податок кој Razer не го изнесува е траењето на батеријата (капацитет од 70 Wh), но според искуството со сите гејмерски лаптопи, не очекувајте да биде повеќе од 3-4 часа.

Сите овие компоненти заедно тежат само 1,92 килограми – прилично респектабилно за лаптоп со толку моќни компоненти, што е постигнато благодарение на лесната шасија изработена од алуминиум со CNC машинска обработка.

Извор: The Verge, TechnoBuffalo, Razer

Претходна статијаMicrosoft Edge екстензиите блиску до пуштање за Insider верзиите на Windows 10
Следна статијаSulon Q е VR уред со вграден компјутер