Surface тимот на Microsoft не престанува да нѐ изненадува – нивниот најнов продукт е „се во едно“ компјутер со неколку импресивни асови во ракавот насочени пред сѐ кон креативците, кои го прават веројатно најдобриот таков компјутер на пазарот во моментов.

На прв поглед, Surface Studio е еден обичен „се во едно“ компјутер, но од она што го видовме на презентацијата, се работи за уред кој може да понуди многу, многу повеќе. Но, да почнеме од почеток, бидејќи има многу да се покрие.

Бидејќи компјутерските компоненти се сместени во базата, односно долниот дел на држачот, самиот монитор е само 12,5 милиметри дебел, што го прави најтенкиот LCD дисплеј со можност за допир од оваа категорија, а особено споредено со iMac, кај кој компјутерските компоненти се вградени во самиот монитор и поради тоа тој изгледа прилично „дебело“.

Дисплејот е приказна самиот за себе. Има вкупно 13,5 милиони пиксели, поточно резолуција од 4.500х3.000 пиксели (извонредни 192 пиксели по инч). Големината му е 28 инчи во 3:2 сооднос, што го прави оптимален избор за работа на документи, сурфање, цртање и гледање филмови, односно не е ниту преширок ниту превисок. Дисплејот е така добро димензиониран, што кога корисникот гледа “Word” документи на него, ќе ги гледа во истата големина како A4 формат откако ќе се испечатат. Панелот има и “TrueColor”, односно според Панос Панај, главниот на Surface дивизијата, може да ги прикаже сите бои, што е од исклучителна важност за оние кои работат со цртање, фотографија или видео.

surface-studio-1

Во базата е вграден прилично моќен компјутер со Core i7 процесор, Nvidia GeForce 980M графика и SSD дискови со капацитет до 2 TB, кој сигурно ќе биде доволен за скоро сите корисници, освен оние кои работат со продукција на видео содржини со високи резолуции, како на пример 4K. Назад, компјутерот има неколку приклучоци, како излез за аудио, 4 USB 3.0 порти, Mini Display Port, Ethernet и слот за micro SD картичка.

surface-studio-3

На самиот компјутер има и вграден микрофон (нормално), но тој е оптимизиран за работа со Cortana, односно може да слушне команди дури и ако корисникот е на другиот крај од собата. Во горниот дел има и камера, која според Surface тимот овозможува исклучително висок квалитет за конференциски разговори, а дисплејот секако ќе работи и со Surface Pen дигиталното пенкалце, кое доаѓа во пакувањето.

Но, сето ова што го кажавме досега и не е особено револуционерно, барем не за еден Surface продукт, нели? Тоа е така бидејќи револуцијата (како и на презентацијата на Microsoft) ја задржав за крај. Имено, дисплејот може многу лесно да се постави во скоро легната позиција, со цел да се користи како голем простор за цртање и/или какви и да било други креативни работи. Импресивното е што дисплејот може да се помести со еден прст поради посебниот дизајн на држачот, нешто што најдобро може да се види на официјалното видео.

surface-studio-2

Најимпресивен дел, кој особено многу ќе им се допадне на креативните корисници е новиот Surface Dial (чини плус 99 долари), кој е вртлив џојстик за управување, но со многу напредни функции. На пример, тој може да се користи надвор од компјутерот за лесно пристапување кон одредени функции или пак за премотување низ видеото кое корисникот го едитира, но може и да се постави на самиот дисплеј и да овозможи дополнителни функции, зависно од тоа која програма е отворена. Притоа, само со вртење на џојстикот, корисникот може да избере различна боја или четка за цртање, нешто што досега мораше да го направи со барање низ менијата.

Сите овие подобрувања не само што се вистински удар кон iMac, главниот конкурент кој најмногу го користат креативците (досега?), туку го прават Surface Studio веројатно најдобриот „се во едно“ компјутер на пазарот во моментов. Неговата цена изнесува 2.999 долари за почетниот модел, што и не е малку, но со оглед на можностите кои ги има, веројатно и оправдано.

Претходна статијаСатја Надела го објаснува пропуштањето на шансата на пазарот на мобилни телефони и ширењето во нови области
Следна статијаMicrosoft го одржа нивниот Windows 10 настан – претставени повеќе интересни новини