ThinkPad линијата на лаптопи е првиот избор на бизнис корисниците уште од времето кога нејзе ја произведуваше IBM. Lenovo, откако го купи хардверскиот оддел на IBM продолжи со традицијата на квалитет, исклучителна издржливост и високи перформанси. Во стил на сите надградби досега, Lenovo повторно донесува нови процесори, нов и подобар Precision тачпад и дизајн кој нема премногу промени во однос на претходниците.

Новите модели се достапни во стандардни лаптоп изведби како и во Yoga изведби кај кои дисплејот може да се сврти за 360 степени и уредот да се користи како своевиден лаптоп. Сите модели ќе добијат надградба на Intel Kaby Lake процесорите од најновата генерација, побрза DDR4 меморија, USB Type-C порти со Thunderbolt 3 поддршка (има и „десктоп док“ за поврзување со поголем монитор и други периферни уреди), инфрацрвени камери за лесно најавување со Windows Hello и супер брз 3D SSD диск од Intel.

Една од поголемите надградби, која сигурно ќе ја почувствуваат корисниците, се новите Precision тачпади. Овие тачпади се препорачани од Microsoft за користење со Windows 10 и се многу попрецизни и имаат подобра поддршка на работа со повеќе прсти од оние на Synaptics. Всушност, многу рецензенти ги поврзуваат овие тачпади со прецизноста на оние во MacBook лаптопите на Apple, што секако е голема пофалба.

Како и скоро сите модели во гамата, новите ThinkPad лаптопи од серијата 200 и 400 ќе имаат и MilSpec сертификат (воена спецификација), што значи дека ќе бидат отпорни на паѓање и помали надворешни оштетувања, квалитети кои ги немаат скоро ниту едни други лаптопи или „2 во 1“ уреди. Сите модели можат да се опремат и со Windows 10 Signature Edition, која е чиста верзија на Windows 10, без дополнителен софтвер од Lenovo.

Lenovo ја збогатува гамата и со нов „2 во 1“ модел. ThinkPad Yoga 370 има 13,3 инчен дисплеј со Full HD резолуција. Моделот е опремен со USB Type-C со поддршка за Thunderbolt 3 и има батерија која трае до 10 часа, карактеристики со кои не можат да се пофалат многу модели од неговата класа, особено што и овој модел има воена спецификација, која го прави прилично издржлив. Неговата цена почнува од 1.264 долари и ќе биде достапен од Март.

Извор: PC World, Engadget, The Verge

Претходна статијаАвтопилотот на Tesla избегна сообраќајна несреќа
Следна статијаЗелената енергија за прв пат најевтина на пазарот