Неполн ден по лансирањето на првите лаптопи на Xiaomi, Lenovo одговара со Windows 10 лаптоп кој е претерано сличен на поголемиот Mi Notebook Air, со скоро подеднакви внатрешни компоненти и иста цена.
Навистина, се чини како Xiaomi и Lenovo да се договориле за спецификациите и цените на лаптопите. Тие дури и личат еден на друг однадвор, имаат скоро иста маса (Air 13 тежи 1,29, додека конкурентот од Xiaomi 1,28 kg), Core i5 процесор (Core i7 со доплата), 4 GB рам меморија (Xiaomi има 8 GB), 256 GB SSD диск и Nvidia GeForce 940MX графика со 2 GB рам.
Дисплејот пак има големина од 13,3 инчи и Full HD резолуција и нема можност за допир (повторно, штета), додека цената изнесува 750 долари – исто како и Xiaomi Mi Notebook Air (цената ќе се качи на 825 долари после преднарачките). И повторно една работа која ја делат двата модели – ќе бидат наменети само за кинескиот пазар и најверојатно нема да ги видиме кај нас, барем не наскоро.
Според сето ова, моделот на Xiaomi нуди малку повеќе, поточно 4 GB рам меморија, но во останатите спецификации овие лаптопи се навистина подеднакви. Кој да се избере е прашање на кое не е лесно да се одговори – 8 GB рам се и тоа како потребни денес, но Lenovo е веќе етаблиран бренд во сферата на лаптопите.
Извор: Windows Central, GSM Arena, NDTV