Паметните уреди во нашите домови стануваат сѐ поспособни, но сѐ уште не можат да направат многу работи што можат да ги направат нашите Windows компјутери. За “power user” корисниците, кои сакаат да можат да направат се на својот телевизор на пример, тука е моќната Intel Compute Card, компјутер кој има големина на кредитна картичка, наследник на прилично слабиот Intel Compute Stick.

Intel Compute Card го постигнува ова благодарение на сѐ поштедливите процесори во гамата на производителот, но и намалувањето на димензиите на останатите компоненти. Да, ова што го гледате на фотографијата е цел компјутер на кој ќе може да инсталирате цел Windows 10 оперативен систем.

И најдоброто од се – во него не се вградени Atom, туку Kaby Lake процесори, што значи Core m3, i5 и i7. Нема информации за тоа точно кои модели на процесори се вградени, но очекувам да се најслабите верзии, а очекувам и 4 до 8 GB рам и капацитет за податоци од околу 64 GB. За толку мал компјутер, импресивно.

На Intel Compute Card е вграден USB Type-C Plus приклучок, преку кој може да се приклучат HDMI, DisplayPort, USB и дури и PCI уреди, што донекаде значи дека на него ќе може да се приклучат и куќишта со надворешни графички карти.

Покрај очигледната употреба во паметните уреди во домот, оваа компјутерска картичка може да биде и одлично преносно решение – благодарение на малите димензии и дебелината од само 5 милиметри, неа може да ја собере дури и во вашиот паричник. Секако, за да ја користите ќе треба да имате дисплеј секаде каде ќе одите, како и маус и тастатура, но денес тоа е најмал проблем.

Compute Card е засега само концепт кој покажува што можат чиповите на компанијата, но од Intel велат дека веќе соработуваат со надворешните соработници, како Dell, HP и Lenovo, кои би можеле да лансираат свои верзии на овие мали компјутери.

Извор: Engadget, BGR, Intel

Претходна статијаNokia 6 е луксузно изработен 5,5 инчен смартфон со цена од само 245 долари во Кина
Следна статијаBaidu и кинескиот BAIC со соработка за развој на автономни возила