Доколку имате план да составувате нов десктоп компјутер наредниве неколку месеци, а не сакате да се префрлите на (одличните) Ryzen чипови на AMD, еве една добра вест – Intel штотуку ја лансираше новата Coffee Lake генерација за десктопите, која го покачува бројот на јадрата кај секој чип, што донесува поприлично големо покачување на брзината на процесорите од 32%.

Покачувањето на оваа брзина се однесува главно на зголемувањето на бројот на јадрата – Core i3 моделите сега ќе имаат четири, Core i5 ќе имаат 6, додека Core i7 ќе имаат 6 јадра со 12 виртуелни јадра.

Сепак, и покрај тоа што се работи за нова генерација, за која се очекуваше дека ќе биде изработена со транзистори со големина од 10 nm, Coffee Lake е изработен со транзистори со големина од 14 nm, но како што прецизираат од Intel, 14++ nm. Според нив, променетата архитектура придонесува за зголемување на перформансите и намалување на потрошувачката по јадро и покрај тоа што не е зголемен бројот на транзисторите, но вистински голем скок сепак треба да се очекува во наредната генерација, кога Intel конечно ќе се префрли на 10 nm.

Како и да е, од Intel ветуваат подобрување од 32% во однос на претходната генерација за едитирање на видео содржини, односно дури 65% побрзо од Intel-овите Core процесори од пред три години. Сепак, ваквото зголемување на перформансите ќе биде проследено и со повисоки цени, отприлика 30-50 евра споредено со истиот процесор од претходната генерација.

Засега ќе бидат достапни 6 процесори од новата Coffee Lake генерација: Core i3 8100 и 8350 со четири јадра на 3,6, односно 4,0 GHz, Core i5 8400 и 8600К со 6 јадра на 2,8, односно 3,6 GHz и Core i7 8700 и 8700К со шест јадра и 12 виртуелни јадра на 3,2, односно 3,8 GHz.

За последниот Core i7 8700K чип, Intel изјави дека е најдобриот за гејминг кој го направиле досега, што е изненадувачки со однос на тоа што тие веќе имаат процесори со повисоки брзини и повисока цена.

Единствен минус, ако може така да се каже, е што овие процесори ќе можат да се користат само со нова матична плоча со Z370 чипсет, што значи дека нема да можете да го надградите процесорот на вашиот компјутер без да ја смените матичната.

Извор: The Verge, PC Gamer, ARS Technica

Претходна статијаMicrosoft и Facebook поставија кабел долг 6.600 км под Атлансткиот океан
Следна статијаTesla е кралот на Drag трките