Microsoft Surface Studio беше веројатно најинтересниот десктоп компјутер претставен минатата година, очигледно повлекувајќи многу други слични производи. Еден од хардвер партнерите на Microsoft, Dell, лансира нов монитор кој може да биде целосно легнат на масата, за да се користи како површина за цртање.

Како и со многу други Windows 10 производи и овој е правен директно во соработка со Microsoft. Изведбата на Dell е сепак малку поразлична – Canvas 27 е легнат дисплеј, кој е дизајниран за да работи во колаборација со уште еден исправен монитор, а во него нема ниту вграден компјутер. Dell сепак има интересно решение – нивниот XPS 27 „се во едно“ компјутер работи одлично со Canvas 27, како сетап со два монитори.

Благодарение на соработката со Microsoft и тоа што во него има вграден Windows 10, Dell Canvas 27 ќе работи и со Surface Dial вртливиот џојстик, кој драматично го подобрува искуството за креаторите, преку олеснување на изборот на различни поставки во програмите. Секако, мониторот доаѓа со свое дигитално пенкалце.

Dell Canvas сепак има резолуција од само 2560х1440 пиксели, што е многу помалку споредено со дисплејот на Surface Studio кој има ултра висока резолуција од 4500х3000 пиксели. Ова може да биде ограничување за креаторите, бидејќи одблизу на таква резолуција ќе можат прилично лесно да се забележат пикселите.

Dell Canvas 27 ќе има многу пониска цена од Surface Studio – ќе чини 1.800 долари. Сепак, ќе потсетам дека доаѓа без компјутер, што значи дека нема да биде толку компактен, а за вистински да го искористите, ќе ви треба уште еден исправен монитор.

Извор: ZDNet, PC Mag, Neowin

Претходна статија2018 Audi Q3 со хибридни и електричен мотор
Следна статијаSK Hynix лансира 8 GB рам меморија за телефоните со најголема густина на чиповите