macbook-pro-2

Apple го претстави новиот MacBook Pro лаптоп компјутер, кој сега ќе доаѓа во две верзии со големина од 13 и 15 инчи. Како и секогаш со нов Apple производ, новите MacBook Pro лаптопи се потенки, полесни и помоќни, но овие модели носат и една иновација, а тоа е OLED лентата над тастатурата, која го заменува горниот ред со “F” копчињата и се менува зависно од тоа каде во оперативниот систем или пак во која апликација се наоѓате.

Touch Bar е OLED лента како замена за “F” копчињата на тастатурата
OLED лентата и не е нешто особено ново – Lenovo имаше слична лента во својот најдобар лаптоп X1 Carbon во 2014 година, но потоа ја исфрли бидејќи на купувачите не им се допадна. Едноставно, си ги сакаа хардверските копчиња назад. Решението на Apple е сепак многу подобро и подлабоко – ова е посебен Retina дисплеј, кој покажува различни работи зависно од тоа каде се наоѓате. На пример, доколку сте во Safari прелистувачот, ќе го покажува местото за впишување на адреса и копчиња за напред/назад, а во некои апликации ќе може да ги покажува и најчесто користените алатки. И да, “Esc” копчето сега е софтверско. До “Touch Bar” лентата има и читач за отпечатоци на прстите, кој е истиот од iPhone.

macbook-pro-1

Очекувано – потенки и полесни во однос на претходникот
Новите MacBook Pro се и многу потенки од своите претходници и помалиот MacBook Pro со 13 инчен дисплеј (основниот модел дури и нема Touch Bar) и дебелина од 14,9 милиметри е на некој начин замена за MacBook Air, кој нема да биде освежен но ќе остане во понудата за оние со плиток џеб (999 долари). Лаптопите ќе бидат исклучително лесни – помалиот има маса од само 1.36 килограми, што мора да се признае е фантастично малку за “Pro” лаптоп со моќни компоненти.

macbook-pro-4

И покрај помалите димензии, новите модели имаат помоќни звучници со поголем динамички опсег и поголеми, пардон, огромни тачпади кои сигурен сум ќе го направат работењето со нив вистинско уживање. Тастатурата пак е со „пеперутка“ механизам, која е исклучително тенка но нема претерано голем „од“ на копчињата, на што многу актуелни корисници не се особено радосни.

macbook-pro-7

Моќни компоненти, но само Skylake (не Kaby Lake) процесори
Да, MacBook Pro и натаму ќе бидат одличен избор доколку сакате мобилна професионална машина. Процесорите ќе бидат од Skylake генерацијата, што е малку чудно (Kaby Lake се веќе подолго време достапни) и кај 15 инчниот модел ќе бидат помоќните Core i5 и Core i7 верзии со четири јадра – многу од конкурентите доаѓаат со штедливите верзии со две јадра и разликата во перформанси е огромна.

macbook-pro-8

Графиката ќе биде застапена со ATI Radeon Pro со максимум 4 GB рам (Intel Iris Pro кај помалиот модел). За оние кои помислија на гејминг уште веднаш напомена дека овие графички чипови се пред сѐ наменети за едитирање на видео а не за играње игри. Лаптопите ќе поддржуваат и супер брза рам меморија со брзина од 2.133 Mhz, а почнуваат од 8 GB за помалиот и 16 GB за поголемиот 15-инчен модел.

macbook-pro-6

Дисплеите имаат иста резолуција, но подлабоки бои, повисок контраст и пониска потрошувачка
Retina дисплеите исто така доживуваат промени – сега тие се 67% посветли, имаат 67% подобар контраст, прикажуваат 25% повеќе бои и трошат 30% помалку енергија. Благодарение на тоа, MacBook Pro моделите сега имаат траење на батеријата од 10 часа, што е прилично добар резултат за еден професионален лаптоп со вградена графика, иако завчера претставениот Surface Book Core i7 има 16 часа траење.

macbook-pro-5

Четири USB Type-C Thunderbolt 3 приклучоци, но нема слот за SD
Apple повторно со контроверзен потег – новите MacBook Pro лаптопи немаат слот за SD картичка. Овој слот е особено важен за фотографите, кои се и најголемите купувачи на овие компјутери и искрено, како човек кој повремено се бави со фотографија, не можам да го разберам овој потег. Секако, има надворешни читачи кои може да се приклучат со кабелче, но тоа значи дека корисникот ќе треба да памети каде го има ставено и читачот, кој е лесно да се загуби во целата фотографска опрема. Сериозно, може Apple да престане да тргнува приклучоци што ни требаат од своите производи?

macbook-pro-9

Од друга страна особено ме радува што на лаптопот има четири USB Type-C приклучоци со Thunderbolt 3. Ова се исклучително брзи порти кои може да се користат за полнење на лаптопот, за напојување на надворешен дисплеј, супер брзо префрлање на датотеки кон надворешен диск итн. Ова е иднината на поврзувањето и многу сум среќен што Apple е првиот кој вградува толку многу брзи приклучоци во своите лаптопи, бидејќи се навистина потребни, особено за професионален компјутер. И уште една супер вест – има излез од 3,5 милиметри за слушалки. Јеа!

Луксузна метална изработка, но и луксузно високи цени
Новите MacBook Pro се целосно изработени од алуминиум – однадвор нема ниту едно парче пластика. Едноставно, во моментов можеби и нема лаптоп кој изгледа толку луксузно и прецизно изработено како нив, што беше и очекувано од Apple.

macbook-pro-3

Сепак, сета таа изработка ќе има и висока цена – основниот MacBook Pro 13 без Touch Strip почнува од 1.499 долари, додека за Touch Strip ќе треба да доплатите плус 300 долари. MacBook Pro 15 пак почнува од 2.399 долари, што интересно е рамо до рамо со веројатно најголемиот конкурент Surface Book на Microsoft.

Претходна статијаQualcomm го купува NXP за 47 милијарди долари
Следна статијаTwitter го гасне Vine сервисот за кратки видеа