titan-2016-2

Гејмерските лаптопи се прилично успешни во светот на игрите, но за вистински гејминг и натаму е потребна десктоп машина. Но, што ќе се случи доколку земете десктоп компоненти и некако ги вградите во лаптоп? Aftershock Titan.

Aftershock е производител на компјутери од Сингапур, кој со новиот Titan лаптоп не само што се надминува себеси, туку надминува и се друго постигнато досега. Зошто? Најважниот „детаљ“ зошто е тоа така е што во него е вградена Nvidia GTX 980 графичка картичка со 8 GB рам и тоа десктоп варијантата, која е за околу 50-тина проценти побрза од онаа за лаптоп компјутерите. За оние што ги следат овие работи, тоа значи дека во Titan е вградена најдобрата графичка за гејминг во моментов.

Останатите компоненти се исто така импресивни. Процесорот е Intel Core i7 од најновата Skylake генерација, со можност за “overclock”, помогнат од 16 GB рам меморија и 1 TB хибриден диск со HDD и SSD. На лаптопот се вградени и Sound Blaster звучници за целосно уживање во игрите.

Дисплејот има 17,3 инчи во дијагонала и Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели, но најважно од се, има вграден Nvidia G-Sync, што значи дека нема да почувствувате каснење на командите во игрите – графиката и екранот се во перфектна синергија. И на крај, можеби и најважната алка од синџирот – во Titan има вградено специјално ладење, кое ќе се погрижи овие супер моќни компоненти да работат под максимална пареа.

Што значи ова? Дека сите нови игри ќе можете комфорно да ги играте на максимална графика. Од Aftershock велат дека на пример новата Fallout 4 (кој не почнал да ја игра, време е да почне, одлична е) може да се игра на 80 fps, што е во најмала рака импресивно.

Но, ваквите перформанси имаат и негативен импакт на преносливоста – лаптопот тежи околу 5 килограми, што значи дека дури и преместувањето од соба во соба ќе биде прилично болно искуство. И на крај, цената изнесува 4500 долари – со толку пари може да се направи десктоп машина со две графички картички и многу помоќни останати компоненти…

Извор: CNET, Aftershock

Претходна статијаАлгоритам раскажува што гледа во реално време
Следна статијаМичио Каку за феноменот на дежаву и паралелните универзуми