Нема крај на идеите на маестро Малкович. Кон почетокот на 2016 во медиумите беше објавено дека Џон Малкович напишал и глумел во филм режиран од страна на Роберт Родригез кој во кината ќе се појави во ноември 2115 година. Ако земете предвид дека де факто станува збор за двајца од најоткачените ликови во Холивуд, оваа информација не треба да не чуди. Но како што изминуваше годината, златни луѓе на планетава зедоа да се позанимаваат со тоа дали навистина станува збор за филмско остварување или можеби нешто друго? Прво, да погледнеме што ни се нуди:

Филмот, наречен 100 years: The movie you will never see е поддржан од Louis XIII, бренд на коњак од Rémy Martin во Франција и беше презентиран на фестивалот во Кан во 2016 година. Единствената филмска лента била затворена во специјален програмиран сеф кој сам ќе се отвори за 100 години, заедно со шише од коњакот, произведено во 2015 година.

Поставката за време на филмкиот фестивал во Кан, Франција

На официјалната страна на imdb нема сиже, само информација дека „содржината на овој филм е тајна, која ќе биде откриена кога филмот ќе биде пуштен во 2115“ и податок дека станува збор за “film short”, односно дека крајниот производ е со времетраење од помалку од 30 минути. Филмот има само тројца актери: Џон Малкович го глуми Hero, Шуја Ченг (”Crouching Tiger, Hidden Dragon: Sword of Destiny”) ја глуми Hero Girl и Марко Зарор (“Machete Kills”) го глуми Bad Guy. За сега ништо чудно, сепак е дело на Малкович. Единствена фотографија достапна на страната е официјалниот постер на филмот.

Постер за 100 years
Клик на сликата за да ја погледнете во целосна големина

Во етерот се пуштени три тизери за филмот, кои прикажуваат три можни верзии на 2115 година, каде Hero и Hero Girl одат да го отворат сефот во кој се наоѓа лентата, заедно со шишето коњак. Погледнете ги во плејлистата:

Сигурно забележавте дека филмот има и трет актер – шишето коњак. Ликовите обрнуваат внимание да го изговорат името Louis XIII додека камерата го снима кадарот по должината на шишето. На дното од постерот, каде на многу други постери ги пишува имињата на луѓето кои работеле на филмот, на овој пишува „ве молиме, пијте одговорно“. И тука завршува илузијата :)

Извршниот директор за Louis XIII изјавил дека сакале да создадат „проактивно уметничко дело кое го доловува динамичниот однос помеѓу минатото, сегашноста и иднината“ и за таа цел го контактирале Малкович и му дозволиле креативна слобода. Единствената филмска лента, заедно со шише коњак произведено во 2015 се заклучени во сефот 100 години, колку што е потребно пијалакот да постигне целосна зрелост и се чуваат во House of Louis XIII во Cognac во Франција. За да не биде целосно заборавен настанот, испечатени се 1000 метални билети за премиерата и испратени се на влијателни луѓе, вклучувајќи ги Родригез, Малкович и останатиот тим, кои треба да го оставаат во наследство на своите идни генерации за да можат да присуствуваат на официјалната премиера, каде што ќе можат да го дегустираат пијалакот.

Секоја чест за маестро Џон Малкович, а и за луѓето од Louis XIII за идејата. А вие не пропуштајте да им раскажете на вашите деца и внуци за овој подвиг, бидејќи тие ќе бидат присутни кога ова дело ќе ја види светлината на денот.

Претходна статијаSamsung ќе пушти ограничена количина на Galaxy S8 порано од очекуваното
Следна статијаНешто повеќе за автономните возила – возилата на иднината