Повеќето Марвел филмови, а особено негативците често имаат безопасен „вајб“. Не постои чувство на вистинска опасност или сериозна закана по животот на главните суперхерои. Оние кои што најмногу трпат како последица се обичните граѓани и градовите кои се разурнати после секој Марвел филм.

Тоа се менува со последниот филм на Марвел, и третиот дел од серијалот Одмаздници (Avengers). Уште од самиот почеток, главниот негативец Танос се наметнува како најголемата закана кон секој што ќе му се спротивстави, без разлика дали се работи за бог или „обичен“ суперхерој.

Веднаш гледаме дека каде и да стапне, со него носи разурнување и деструкција. Неговите мотиви се едноставни: сака да уништи живот за животот да продолжи да постои, ако тоа има некаква логика. Но, не гледаме филмови на Марвел за да уживаме во логички дилеми. Ги гледаме поради акцијата, визуелните ефекти и едноставните, но заразни приказни кои ги нуди измислениот универзум.

Филмот е според мене можеби најдобриот кој досега го понудил Марвел (во тесна трка со Капетан Америка: граѓанска војна). И покрај изобилството на ликови кои се прикажани во овој филм, режисерите Ентони и Џо Русо маестрално ги вметнуваат во секоја од сцените.

Секој од ликовите има своја причина да биде во филмот. Немаме чувство дека некој не припаѓа во оваа приказна. Интеракцијата помеѓу ликовите е исто така одлична и забавна. Сцените со акција се феноменални (особено една што се случува на Титан, која е истовремено полна со акција но и со емоционални моменти).

Филмот исто така нуди и повеќе моменти каде што навистина сме загрижени за животите на некои од суперхероите. Тоа е предизвикано од чувството на безнадежност што провејува низ целиот филм, а го чуствуваат и главните протагонисти, како последица на нивното соочување со најголемиот bad-ass кој досега го виделе.

Џош Бролин е одличен во улогата на Танос. На моменти дури и разбираме (но не и оправдуваме) што тој сака да направи и зошто сака истото да го стори. Крајот на филмот нуди големо изненадување. Но, истото треба да се земе со резерва. Сепак, се работи за Марвел (не откривам повеќе поради тоа што се работи за огромен спојлер).

Одмаздници: војна на бесконечноста е одличен филм кој вреди да се погледне во кино.

Претходна статијаПрва македонска Cloud апликација – Novobox
Следна статијаЗа прв пат Македонија со учесник на Меѓународната менторска програма за жени лидери во САД – The Fortune – U.S. Department of State Global Women’s Mentoring Partnership