Ако не сте ја гледале првата сезона на „Шведски кретени“ (на англиски „Swedish Dicks“, интересна игра со зборови која го прави изговарањето на името на серијава позабавно), еве мал потсетник. Ова е шведско-американска серија која прикажува двајца приватни детективи без дозвола за работа. Ингмар Андерсон, поранешен банкротиран каскадер (го игра познатиот шведски актер Питер Стормаре, кого го гледавме во улогата на убиецот во филмот „Фарго“, во „Армагедон“, како и во „Големиот Лебовски“) и Аксел Круз (познатиот актер Џона Гланс, но само во рамките на Шведска), се соочуваат со неверојатните барања на своите клиенти и се трудат да завладеат со „детективската сцена“ во Лос Анџелес.

Втората сезона на оваа забавна „детективска“ серија почнува со желбата на Ингмар да ја озакони работата на својата детективска агенција, па аплицира за лиценца, но тоа повлекува низа од неочекувани настани. Но, тука има и една добра вест – Кијану Ривс ја продолжува својата улога на Текс во втората сезона. Имено, Ингмар почнал да се занимава со детективска работа откако му починал најдобриот пријател и колега каскадер, кој во серијата се појавува „по смртта“, како дух, а го толкува баш споменатиот холивудски актер – што не е баш вообичаено затоа што Ривс не е често присутен во телевизиски серии.

„Тој ми е стар пријател уште откако заедно игравме во филмот ’Константин‘. Останавме во контакт. Му го пратив сценариото за ’Шведски кретени‘ и му се допадна. Моравме веднаш да ги снимиме сите негови сцени во само два-три дена снимање затоа што немавме пари таква ѕвезда да ја снимаме 10 епизоди. Кијану во серијата се појавува во неколку епизоди како дух. Затоа му ја вратив услугата и бесплатно ја одиграв улогата во филмот ’Џон Вик 2‘, рече Стормаре во текот на првата сезона.

Освен Ривс, во неколку епизоди се појавува и Трејси Лордс (која оние што се пораснати во средината на 1980-тите сѐ уште ја помнат по нејзината кариера во еротските филмови, за подоцна да му се препушти на мејнстримот), во улогата на Џејн, опасна конкурентка на Ингмар и Аксел, која има сопствена детективска агенција.

Втората сезона на „Шведски кретени“ можете премиерно да ја гледате на www.pickbox.tv уште денеска.

Претходна статијаРСБСП: Дали жените навистина се небезбедни возачи? Што покажува статистиката?
Следна статијаBlackBerry го тужи Facebook поради злоупотреба на патент