Најновиот филм на Стивен Спилберг, Играч број 1 (Синеплекс strikes again), е адаптација на истоимената научно-фантастична книга, Ready Player One на Ernest Cline.

Книгата е брза авантура која е многу лесно читлива и има интересна приказна полна со носталгија кон осумдесетите години од минатиот век.

На ист начин е смислен и филмот. Од самиот старт се запознаваме со главниот лик Вејд Ватс кој живее во сиромашен предел во САД во 2045 година. Општеството е во распад, а единствената занимација на луѓето им е OASIS, виртуелна реалност во која луѓето, преку своите аватари, можат да бидат и да прават што ќе посакаат.

Возбудата започнува кога креаторот на OASIS (James Halliday) постхумно се обраќа на корисниците на OASIS. Во видеото, тој обелоденува дека оставил неколку „easter eggs” во виртуелниот свет. Првиот што ќе ги открие, ќе загосподари со OASIS, и следствено на тоа, ќе стане милијардер.

Клише факторот е многу присутен во Ready Player One. Иако целиот филм, слично како и книгата, изобилува со референци кон поп-културата од 80-те и 90-те години, сепак неколку моменти во филмот се cheesy.

Во најголемиот дел, филмот се надоградува на книгата и дури и ја подобрува приказната. Сепак, постојат и делови кои се занемарени. Во книгата, можеме повеќе да дознаеме за светот во кој живее Вејд, и проблемите со кои се соочува на училиште и во неговото семејство.

Во филмот, општеството е прикажано само на моменти, или преку нарација на главниот лик, што не ни дава доволно простор за да се поврземе со дејствието и со ликовите.

На повеќе наврати, Спилберг ни ја прикажува околината во која тинејџери и други луѓе функционираат со уредите за виртуелна реалност. Меѓутоа, се поставува прашањето како воопшто функционира општеството кога луѓето лутаат наоколу со тие уреди на својата глава.

Како и во многу други филмови, и во овој главниот негативец е „злобна корпорација“. Сепак, филмот се труди да ни ја пренесе пораката дека и покрај тоа што реалниот живот е полн со различни проблеми и предизвици, истите носат кон нешто поубаво.

Колку успева во тоа, е сосема друго прашање.

Претходна статијаVIVAX со чекор напред за подобра животна средина
Следна статијаНаскоро во Македонија прва онлајн продавница наменета за мажи