Талентираниот господин Рипли (Talented Mr. Ripley)

Американски психолошки трилер од 1999 година во режија на Ентони Мингела, чијшто главен лик го толкува Мет Дејмон во улогата на Том Рипли, а Гвинет Палтроу е во улогата на Марџ Шервуд, Џад Ло кој за улогата на Дики Гринлиф освои „Оскар“ за најдобра споредна улога, Кејт Бланшет е во улогата на Мередит Лауџ (лик кој не се појавува во книгата) затоа што се работи за филмска адаптација на истоимената книга од 1955 година од авторката Патриша Хајсмит која претходно веќе е адаптирана за францускиот филм „Plein Soleil“ од 1960 година.

Имено, Том Рипли се обидува да опстане во Њујорк работејќи што било. Во една околност, преправајќи се дека е од „Принстон“, тој го измамува таткото на еден богат студент кој му плаќа да оди во Италија и да го наговори син му Дики да се врати дома. Кога пристигнува во Италија, Том се труди да се зближи со Дики и со неговата свршеница Марџи. Тој се заљубува во нивниот живот, а кога сите негови лаги повеќе не се доволни и кога на Дики му станува здодевен, Том е подготвен да оди далеку за да го направи привилегираниот живот на Дики свој. Филмот е сниман претежно на локации во Италија.

Чикаго (Chicago)

Мјузиклот „Чикаго“ од 2003 година целосно ја освои церемонијата за „Оскар“, номиниран во 13 категории, освојувајќи шест статуетки „Оскар“, вклучително и најважната – за најдобар филм таа година, како и за најдобра монтажа, звук, сценографија, костимографија, песна, музика, адаптирано сценарио, најдобар режисер, а Кетрин Зета-Џонс и Квин Латифа освоија награди за најдобри споредни актерки. „Чикаго“ доби пофалби од критиката и е првиот мјузикл што беше награден за најдобар филм уште од мјузиклот „Оливер“ (адаптација на романот на Чарлс Дикенс) од 1968 година.

„Чикаго“ е преземен од театарскиот мјузикл напишан од новинарката Морин Воткинс кој веќе го воодушевуваше Бродвеј под режисерката палка на Боб Фос, а дејството се врти околу Велма, ѕвездата на еден ноќен клуб која го убива својот маж кој ја мамел, па за неа слуша целиот Чикаго, особено кога со нејзиниот случај се зафаќа познатиот адвокат Били Флин, кој сам по себе е ѕвезда. Од друга страна, Рокси отсекогаш сонувала да стане славна, а кога завршува зад решетки, нејзиниот потенцијал го препознава Били, кој поради тоа случајот на Велма го става на страна, што нејзе никако не ѝ се допаѓа. Двете жени ќе сторат сѐ за да дојдат до поголема слава.

Исчезнато детство (Gone Baby Gone)

Ова режисерско деби на Бен Афлек на актерката Ејми Рајан ѝ донесе „Оскар“ за најдобра споредна актерка. Интересната приказна започнува во бостонскиот кварт Дорчестер каде што четиригодишната Аманда исчезнува од својот дом, а полицијата нема многу траги, па нејзината тетка најмува двајца приватни детективи, Патрик Кензи (Кејси Афлек) и Енџи Џенаро (Мишел Монан) да ја најдат. Под притисок од медиумите и јавноста, двајцата ќе ги здружат силите со детективот Реми Бресант (Ед Херис) и со полицискиот капетан Џек Дојл (Морган Фримен). Овој случај е сѐ само не е вообичаен, па се наоѓаат вплеткани во приказни со банди, препродавачи на дрога и педофили. А кога се наоѓаат пред решавање на случајот, тие имаат морална дилема која ќе ги раздели.

Собата на Марвин (Marvin’s Room)

Филмот „Собата на Марвин“ освои многубројни номинации за разни награди, помеѓу кои е и номинацијата за „Оскар“ што ѝ припадна на Дајан Китон во категоријата за најдобри актерки во главна улога, како и номинација за „Златен глобус“ која ја доби Мерил Стрип за споредната улога во 1997 година. Беси (Дајан Китон) речиси 20 години живеела на Флорида, негувајќи ги својот болен татко Марвин и тетка ѝ Рут. Откако добила дијагноза за рак со можност за лекување доколку прими трансплантација од близок роднина, главната јунакиња стапува во контакт со својата сестра Ли (Мерил Стрип) затоа што само таа или нејзиниот син (Леонардо ди Каприо) можат да ѝ помогнат. Проблемот е што тие никогаш не се сложувале најдобро, особено откако се разболел нивниот татко Марвин. Средбата со нејзината сестра ја потсетува на сите емоционални пропусти и грешки од минатото што мора да ги исправи.

Мојот живот досега (My Life So Far)

Мемоари од животот на едно семејство во повоена Британија, снимени во 1999 година, а се одвиваат во 1920 година, на имотот што го води Гама. Со неа живеат ќерка ѝ Моира, нејзиниот конзервативен сопруг Едвард (Колин Фирт) кој обожава да смислува изуми, како и нивните две деца. Имотот често го посетува синот на Гама, Морис, кој со Едвард се натпреварува околу сѐ, но најмногу околу тоа кого Гама ќе го наведе како иден раководител на имотот. Посебен шарм на филмов му дава суптилниот хумор, а режисерот Хју Хадсон успешно го прикажал животот на едно шкотско семејство во периодот помеѓу двете светски војни.

Месец крај езерото (A Month By The Lake)

Филм од 1995 година, за којшто Ванеса Редгрејв во улогата на г-ца Бентли беше номинирана за „Златен глобус“. Г-ца Бентли секогаш го поминувала април со својот татко, кој е лондонски уметник, во елегантна вила на езерото Комо во Италија. По смртта на таткото, доаѓа сама да помине еден месец на езерото, но освен неа англиски зборува уште само едно американско семејство. Се појавува наредникот Вилшо (Едвард Фокс) кого отпрвин го игнорира, но кога со него почнува да флертува младата Американка г-ца Бомон (Ума Турман), на г-ца Бентли одеднаш тој ѝ станува интересен.

Повеќе врвни филмови од „Мирмакс“ како што се „Студена планина“, „Англиски пациент“, „Убиј го бил“, „Малена“, „Фрида“ ве чекаат на Pickbox во ограничен временски период!

Претходна статијаМарк Закерберг излезе со официјален одговор за случајот со Cambridge Analytica
Следна статијаШто претставува UX дизајнот и зошто е природна еволуција во веб дизајнирањето