skype-multi

Skype е еден од најпознатите и најкористените клиенти за комуницирање на повеќето платформи. Меѓутоа во одредена област веќе подолг период заостанува позади поновите слични клиенти. Проблемот со Skype е неможноста за синхронизирање на пораките помеѓу повеќе уреди.  Сигурно имате забележано дека доколку испратите порака на некој пријател кој што во моментот не е вклучен, пораката нема да може да ја добие се до наредниот пат кога во исто време ќе бидете вклучени. Исто така кога сте разговарале со некого преку вашиот десктоп клиент, па потоа излезете и го вклучите Skype на вашиот мобилен, повторно ќе ви пристигнат пораките од разговорот и ќе добиете нотификации за истите. Можеби додека разговарате преку вашиот десктоп клиент, вклучени сте и преку вашиот мобилен, па додека разговарате цело време добивате нотификации од вашиот мобилен. Овој проблем не постои на сличните апликации, како на пример Viber, кој детектира дека во моментот разговарате преку десктоп клиентот и престанува да ви испраќа нотификации на вашиот мобилен.

Со преминувањето на Skype од peer-to-peer технологијата, што ја користи од самиот почеток, на користење на нивни сервери преку кои што ќе се одвиваат разговорите, Skype е во можност конечно да го реши овој проблем. Поточно од Skype најавија дека во наредните месеци ќе го воведат овој систем, па пораките, односно нивниот статус ќе почнат да се синхронизираат низ различните платформи. Кога точно ќе биде направена оваа промена не е назначено, па останува да видиме.

Преминувањето на Skype на сопствени сервери наиде на критики од групите загрижени за приватноста при користењето на интернет сервисите. Во последно време се поактуелна станува темата за следењето на интернет активностите од страна владите, а конкретно на Американската влада преку NSA агенцијата за безбедност. Skype важеше за сигурен сервис кој што не можеше да биде следен поради користењето на peer-to-peer технологијата, која едноставно кажано не користи сервери, туку двата компјутери кои учествуваат во комуникацијата. Со преминувањето на сервери, целата комуникација мора да помине низ серверите во Skype, па тоа остава можност доколку биде побарано од некоја владина агенција, комуникацијата остварена преку Skype да биде доставена до таа агенција. Од Microsoft кои се сега сопственици на Skype, не баш уверливо смируваат дека тие сериозно гледаат на приватноста на своите корисници, меѓутоа сепак не е исклучена можноста за споделување на одредена комуникација доколку тоа биде побарано со судска одлука.

Како и да размислувате на оваа тема, сепак новата функција на Skype е добредојдена и корисна, а проблемите со приватноста се присутни кај секој вид на интернет комуникација, па останува да се види во кој правец ќе се движат случувањата на таа тема.

Претходна статијаКој е гласот позади Siri ?
Следна статијаВодич за инсталација и оптимизација на Windows
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.