Во нов обид да се има некакво присуство кај друштвените мрежи, Google претстави нова апликација која е развиена од нивниот сектор Area 120, наменет за експериментирање од страна на вработените со разни проекти.

Новата апликација е наречена Shoelace и е замислена како нешто слично на Facebook Events. Корисниците на Shoelace ги внесуваат своите интереси и апликацијата соодветно на тоа им прикажува настани на нивната локација кои се поврзани со овие интереси.

Со тоа, се истакнува, дека тие ќе можат да запознаат нови луѓе кои ги делат нивните интереси, а апликација може посебно да биде корисна за луѓето кои се имаат преселено, па се нови во тој град.

Shoelace покрај можноста за откривање на настани, нуди можност корисниците сами да креираат настани, да поканат луѓе на истите, но и тие самите да се пријават, зависно од прилагодувањата за приватност на самиот настан.

Настаните во апликацијата се наречени Loops, а името на истата, кое значи врвка за обувки, е замислено поради можноста апликацијата да поврзе луѓе со исти интереси, како две врвки на обувките.

Колку сериозно ќе се развива оваа апликација не е познато. Не е првпат Google преку Area 120 да претстави некоја апликација, а слична на Shoelace веќе имаше, па истата да биде прекината.

Моментално Shoelace е достапна за корисниците на Android и iOS во Њујорк, а се најавува проширување во повеќе градови на САД. Доколку апликацијата се покаже како навистина популарна во САД, тогаш е можно нејзино пуштање во остатокот од светот, но за тоа може да се чекаат и години.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.