2016-07-07-image-27

Facebook е најголемата „социјална“ мрежа во светот. Покрај тоа што овозможува да останете во редовен контакт со вашите пријатели и роднини (и така практично да ја намалите блискоста со нив бидејќи сметате дека својот дел од оддржување на врската сте го завршиле), Facebook овозможува да се прават и интересни анализи врз вас.

Претходно пишувавме дека Facebook ги разлути корисниците (кои не се откажаа од нејзино користење) кога се дозна дека правеле емоционални и други експерименти врз нас, а за вистинските зависници го објавивме водичот за совршената профилна слика.

Изгледа дека профилните слики можат да откријат далеку повеќе за вас отколку потенцијалот за привлекување „лајкови“. Имено, истражувачи при Психометрискиот центар при Универзитетот од Кембриџ, О. К., создадоа алгоритам кој може да ја процени интелигенцијата на човекот по тоа какви слики става на профилот.

Тие користеле профилни слики од 1.122 корисници кои претходно земале тест за интелигенција и потоа ги анализирале карактеристиките на нивните слики.

Резултатите се интересни: оние „знаци“ кои луѓето ги користат за проценка на интелигенцијата на другите преку нивната слика, всушност, воопшто не се ефикасни. Тука спаѓаат смеење, носење очила, седење преблизу до фотоапаратот/телефонот при фотографирањето и слично.

Од друга страна, поинтелигените луѓе обично биле сами на сликите, позадината била едноставна и често носеле зелено, а избегнувале црвено, розево или лилаково. Јас би рекол и дека најинтелигентите имаат тенденција да имаат многу малку или да немаат воопшто слики на своите профили (ако воопшто ги имаат), бидејќи знаат дека нарцисизмот е личен недостаток, а не карактеристика која треба да се нагласува и пропагира како личен квалитет.

Фактот е дека колку повеќе информации оставаме на социјалните мрежи, дури и несвесно, толку ќе биде полесно некој да нè процени и да открие што сакаме, каде се движиме и со кого се дружиме. Приватноста е битна, грижете се за неа.

Дополнителни информации: Digital Trends, TechSpot

Претходна статијаFacebook Instant Articles стануваат достапни и на Messenger
Следна статијаДржавен удар во Турција – блокирани Facebook, Twitter и YouTube