Само неколку месеци од последното објавување на информација за хакирање на Yahoo сметки, оваа недела повторно истото се случува на оваа компанија.

За разлика од последниот случај кога биле украдени информациите за околу 500 милиони корисници, овој пат се работи за дупло повеќе, односно дури 1 милијарда корисници.

Од компанијата истакнуваат дека хакирањето се има случено во август 2013 година и тие досега не успеале да го откријат истото, ниту начинот на којшто бил направен. За случајот од Yahoo биле информирани од страна на властите, по што нивни, но и надворешни експерти го истражуваат случајот.

Информациите до коишто е дојдено вклучуваат имиња, имејл адреси, телефонски броеви, дати на раѓање, хаширани лозинки, а во некои случаеви и заштитени и незаштитени сигурносни прашања и одговори.

Од компанијата истакнуваат дека пробивањето на системот не довело до добивање на пристап до информации како што се лозинки во обичен текст, кредитни картички или банкарски сметки, односно овие информации се чуваат на посебен систем за којшто се верува дека не бил засегнат од хакирањето.

Начинот на којшто е успеано да се дојде до информациите од корисниците е преку доаѓање до кодот на Yahoo од трета страна преку што е научено како да се фалсификуваат таканаречените колачиња. Преку овие колачиња потоа се овозможува пристап до сметки без потреба од внесување на лозинка.

Од Yahoo стандардно ги известуваат своите корисници за овој случај, а исто така се советува промена на лозинката којашто се користи. Исто така, од компанијата ги советуваат корисниците да вклучат дополнителна заштита на нивните сметки преку дво-факторска автентикација или уште подобро преку Yahoo Account Key, систем кој овозможува најавување без лозинка.

Дополнително, се верува дека и овој напад на системите на Yahoo, иако не поврзан со претходно откриените, е поврзан до некаде со истиот напаѓач спонзориран од властите, како што се истакнува веќе неколку пати.

Извор: Yahoo, ZDNet, TechCrunch

Претходна статијаAMD го лансира првиот Ryzen процесор со 8 јадра и работен такт 3,4 GHz – и да, Intel треба да биде загрижен
Следна статијаИнтервју со Ајлин Шеали – извршен менаџер на Пазар3
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.