Во текот на минатата недела, изгледа се има случено „последната капка“ во недоразбирањата кои се нормален дел кога основачите на една компанија ја продаваат истата и стануваат дел од друга. Неофицијалните информации за тоа какви проблеми имале основачите на Instagram со Facebook се повеќе, а очигледно дошла точката кога на Кевин Систром и Мајк Кригер им дошло доста.

Според повеќето, главните причини за напуштањето на компанијата од страна на Систром и Кригер се несогласувањата со Facebook околу водењето на Instagram, односно преголемото мешање. Од Facebook се повеќе сакаат да има поврзаност помеѓу двете мрежи, па иако тоа е нешто што можеби би помогнало на Facebook, сигурно не е баш најдобро за Instagram.

Во основа, сите гледаме дека полека Facebook стигна до својот максимум, па кога на тоа ќе се додадат и скандалите од оваа година, мрежата веќе не е „хитот“ што еднаш беше. За разлика од Facebook, Instagram станува се повеќе популарна, па јасно ни е дека во годините што следат, оваа мрежа ќе биде главната.

Поради тоа, не е воопшто чудно што Facebook, во чија сопственост е Instagram, сака да искористи дел од популарноста на втората мрежа со цел да ја задржи релевантноста на Facebook. Тоа колку и да е нормално и логично за Facebook, за луѓето кои го имаат основано Instagram, сигурно е повеќе од што би сакале да прифатат.

Сега останува прашањето што ќе биде со оваа друштвена мрежа кога нејзините основачи веќе не се дел од неа. Верувањата се дека моментумот што го има мрежата не може така лесно да се прекине, па оваа мрежа ќе ја задржи својата популарност и во периодот што следи.

Од Facebook сигурно ќе сакаат да почнат што повеќе да ја користат оваа мрежа, па може да се очекуваат повеќе реклами, како и „потсетници“ за Facebook.