onedrive-devices

Една од промените која што беше направена со најновата верзија од Windows 10 Technical Preview, поточно build 9879, беше промената на начинот на кој што се синхронизираат и прикажуваат фајловите во OneDrive папката на десктоп.

Досега корисниците можеа да изберат да им бидат синхронизирани сите фајлови од облакот на нивниот диск, сите фајлови да бидат достапни само онлајн, како и тоа да се прави автоматски. Доколку ја имате избрано третата опција, тогаш во папката ќе ви бидат прикажани сите фајлови од облакот (во форма на таканаречени placeholder фајлови), меѓутоа тие нема да бидат симнати на вашиот компјутер. Симнувањето се прави само кога ќе отворите некој од тие фајлови или доколку тоа посебно го изберете на конкретен фајл или цела папка.

Ова беше направено вака да функционира поради заштеда на простор на дискот. Ви можете да ги видите сите ваши фајлови од облакот, можете да ги отворите, меѓутоа не ги чувате сите нив на дискот, туку само тие што ви требаат.

Овој начин на функционирање има предизвикано проблеми кај одредени корисници кои што не го имале баш до крај разбрано овој модел, па кога го користеле нивниот компјутер на места без интернет конекција, се чуделе зошто не можат да пристапат до одредени фајлови, а тие се прикажани во OneDrive папката.

Поради тоа Microsoft во најновата верзија од Windows 10 Technical Preview реши да го тргне тој начин на синхронизација и да воведе избор помеѓу тоа да сите фајлови ви бидат синхронизирани локално или самите да изберете кои папки сакате да се синхронизираат. Доколку го изберете вториот начин, односно селективното синхронизирање, тогаш папките и фајловите кои што не сте ги избрале, нема да бидат прикажани во локалната папка на компјутерот.

Ова предизвика огромен број на критики од страна на корисниците кои што повеќе им се допаѓал претходниот начин, односно начинот кој што се користи официјално на Windows 8.1. Предлогот за враќање на стариот начин е стигнат на високо место на User Voice платформата за Windows, па од OneDrive тимот решија да одговорат на барањето и да појаснат одредени работи околу промената, па во продолжение можете да прочитате дел од одговорот.

Го слушаме фидбекот за placeholder фајловите и се служуваме дека има повеќе добри работи околу тој модел – на пример, можноста да ги видите сите ваши фајлови од облакот дури и кога тие не се синхронизирани на вашиот компјутер. Како и да е, не сме задоволни со начинот како ги направивме placeholder-ите и добивме јасен фидбек дека некои корисници биле збунети (на пример, со фајлови кои не се достапни офлајн) и дека некои апликации не работеле добро со placeholder-ите и дека стабилноста на синхронизацијата не била каде што би сакале да биде.

Затоа, се вративме еден чекор назад за да подобро го видиме OneDrive во Windows. Промените кои што ги направивме се значајни. Не ги исклучивме само placeholder-ите – туку правиме фундаментални подобрувања на начинот на кој што синхронизирањето работи, се фокусираме на стабилноста во сите сценарија, спојувајќи ги OneDrive и OneDrive for Business во еден систем за синхронизација и правиме да бидеме сигурни дека имаме модел кој што може да функционира со неограничен простор за складирање. Во Windows 10 тоа значи дека ќе користиме селективно синхронизирање наместо placeholder-и. Но додаваме додатни можности, па искуството што ќе го добиете во Windows 10 build 9879 е само почетокот. На пример, ќе можете да ги пребарувате сите фајлови на OneDrive – дури и тие кои што не се синхронизирани на вашиот компјутер – и да пристапите до нив директно од резултатите од пребарувањето.

Колку и да е добро што Microsoft реши да ги слуша корисниците во процесот на правење на наредната верзија од оперативниот систем, сепак овој случај покажува дека не може сите да ги направите задоволни. Што и да направат, колку и да било барано, секогаш ќе се најде друга страна на незадоволни корисници кои што ќе бараат нешто да биде вратено или променето. Тоа значи дека Microsoft ќе мора да го направи оперативниот систем според нивна замисла, а корисниците да бидат еден мал дел кој што ќе ги насочи во одреден правец.

Извор: Windows Central, User Voice, Twitter

Претходна статијаMozilla започнува со прикажување на реклами на Firefox
Следна статијаPhilae ги испрати последните податоци до Rosetta, нови може да нема
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.