VOX

Скандалот којшто го предизвика случајот со Cambridge Analytica предизвика доволно реакции во јавноста за да основачот и директор на најголемата друштвена мрежа биде повикан да сведочи, прво пред американскиот Сенат, а вчера и пред Европскиот Парламент.

Според тоа што можеше да се види, како и коментарите кои дојдоа од повеќето кои имаа шанса директно да го следат „испрашувањето“ од страна на парламентарците, прашањата кои Закерберг ги доби беа многу подиректни и посериозни за разлика од тие кои му беа поставени во Сенатот на САД.

Сепак, прашањата кои беа поставувани се „вртеа“ околу истите теми кои произлегоа од скандалот кој ја започна целата ова работа, како и додатни теми кои со години се предмет на обвинување за оваа голема друштвена мрежа.

Прашањата може да се сумираат на прашања поврзани со приватноста на корисниците, имплементацијата на новиот GDPR закон за приватност на податоците, за дали Facebook е монопол, за тоа дали е вистина и како се однесуваат спрема податоците на корисниците кои немаат Facebook сметки, можноста за платена верзија од мрежата. Прашања беа поставени и за лажните вести по кои во последно време е позната мрежата, мерките коишто се преземаат да се откријат овие вести, како и справувањето со лажните профили кои ги објавуваат овие вести.

Интересно, едно од прашањата беше и за тоа дали Закерберг размислува за тоа по што сака да биде запомнат во иднина, односно дали сака да биде ставен во групата на Бил Гејтс и Стив Џобс, како луѓе кои ги имаат збогатено нашите општества. Или дали би сакал да биде запомнат како генијалец којшто има создадено дигитално чудовиште коешто ги има уништено нашите демократии и општества.

Одговорите на Закерберг во главно беа истите што ги даде пред Сенатот на САД, односно не можеше да се дознае ништо ново или поконкретно од порано. Главната причина за тоа беше форматот на испрашувањето кој беше направен да парламентарците прво ги постават сите нивни прашања, па потоа Закерберг сите заедно да ги одговори за краток временски период. Целиот процес беше предвидено да трае најмногу еден час.

Поради тоа, одговорите беа дадени општо, а за доста од прашањата немаше воопшто или премногу „дипломатски“ одговори.

Според тоа што можеше да се види, справувањето со проблемите кои произлегуваат од вакви друштвени мрежи, нема да се реши од одговорноста на тие кои и такви ги имаат создадено, логично нели?

Јас само би повторил една реченица која цело време ја пишувам на оваа тема, а тоа е дека друштвените мрежи не мора да бидат проблем доколку паметно и мудро ги користиме.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Recode
Претходна статијаSamsung го претстави неверојатниот Galaxy Ј6
Следна статијаПочитување на правилата и прописите во сообраќајот и повисока сообраќајна култура, зa поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.