социјални медиуми

Технологијата продре во сите аспекти од нашите животи. Во ера на смартфони, сега е уште поедноставно да се биде во тек со сите случувања онлајн. Ова особено важи за друштвените мрежи. Клик тука, клик таму и ги имате сите информации на едно место, брзо и едноставно. Она на кое помалку мислиме во текот на целиот овој процес е дека нашата активност креира огромни податочни множества кои социјалните мрежи и разни индивидуалци ги користат за да научат повеќе за нас и со тоа полесно да не’ таргетираат за маркетинг цели. Податоците се неверојатно моќни, мислам, само сетете се на скандалот со Facebook.

Искористувањето на податоците влијае на милиони: на хакирање на избори, допринесува за “смртта” на весниците, појава на трол армии и разнишување на демократијата. Евидентно е дека се потребни промени, но факт е дека и покрај сите последици на друштвените медиуми ние сме зависни од нив. Тие се нашиот “прозорец” кон светот, можност да ѕирнеме во животот на нашите пријатели и роднини, односно практично сите случувања кои можете да ги замислите. Тие играат круцијална улога во тоа како се ангажираме околу политика и сите настани на домашната и светската сцена.

Се поставува прашањето: како да направиме баланс помеѓу нивната токсичност и нивната корисност?

Не е тајна дека друштвените мрежи ползуваат трикови од психологијата и биологијата, со цел да не’ направат да бидеме позависни од нив и почесто да го проверуваме телефонот дали имаме некакво известсување. Тажниот аспект на овој момент е тоа што она што е обично добро за привлекување на вниманието на корисникот, не е корисно за него самиот. На пример, каква полза од постојано и бесконечно скролање? Или постојаното читање на конфликти на постови за одредена тема на кои инаку, да беа настани од реалниот, а не виртуелниот живот, веројатно немаше да им придадете премногу значење. Разликата е во тоа што класичен кафе муабет и препирка помеѓу двајца другари (пример), може да предзвика внимание и да достигне до многу поголем број на луѓе, отколку кога тоа би се случило во живо.

Прост пример. Одите по улица и се случува судар. Двајца мажи излегуваат и почнуваат да се расправаат. Во најголем дел од случаите, ќе застанете и ќе прашате што е работата. Е, токму таков ефект ни прават социјалните мрежи, поттикнувајќи не’ да обрнуваме постојано внимание, за сите постови, како и да заземаме страни за одредена тема за која инаку би имале коментар од реченица, две.

Друг момент се емоциите. Вилијам Брејди, истражувач на Њујоршкиот Универзитет, успеа да пронајде патерн (шема, сет на правила) која ги карактеризира виралните друштвени постови. Тој откри дека постовите (твитови) каде се употребени зборови со емоционално или морално значење добиваат 20% поголема видливост во однос на останатите постови. И, кажете ми сега, што би ја спречило една армија на добро синхронизирани ботови континуирано да креира твитови кои ќе го ползуваат овој факт, со цел да ни пласираат содржина (пример, промовираат одредена политичка партија), знајќи дека има поголема шанса да го привлечат нашето внимание? Застрашувачки. И да, ова е реалност, не е епизода од Black Mirror.

Нов правец на оваа тема. Во Македонија постојано се зборува за политика. Можеби и вие сте дошле во ситуација да избришете некој Facebook пријател од вашиот круг, бидејќи постојано напнувал со постови на својот профил кои кај вас предизвикуваат несогласување, разочараност или бес. Се препознавте? Е, сега да ве прашам, зар не е тоа некој вид на цензурирање? Тоа е големото прашање. Ако го намалиме бројот на онлајн пријатели кои ќе кажуваат работи за кои не го делиме истото мислење, зар тоа не е потиснување на говорот? Зар така не заглавувате во ехо комора каде ризикувате да ја изгубите објективноста во вашето расудување за работите?

Размислете за тоа ?

Пишете ни во коментар кои се вашите ставови, ќе биде навистина интересно да се прочитаат вашите мислења ✌

Претходна статијаПет оригинални луѓе кои вреди да ги следите на интернет
Следна статијаКои се главните новини во Windows 10 April 2018 Update?